Македонската компанија Пелистерка, годинава одлучи традиционалниот годишен календар да го замени со апликација. Освен стандардниот календариум, апликацијата има уште неколку функции кои што ќе бидат корисни за сите.
– Новите трендови носат и нови навики кај нашите потрошувачи, односно пријатели. Трудејќи се секогаш да подржуваме здрави активности, а со тоа да иницираме и здрави навики, годинава одлучивме наместо традиционалниот печатен календар, да подариме мобилна апликација. Календарот беше наш заштитен знак, но новите генерации со себе носат и едно ново време. А во тоа ново време, повторно ќе претендираме да бидеме први во она што нив ги прави среќни – изјави Тања Панделеска, маркетинг директор на Пелистерка.
Основната функција на апликацијата ќе биде да Ве потсетува дека е важно редовно да консумирате вода. Во стресните работни денови, хаотични часови дома со многубројни работни обврски, динамично секојдневие, сите ние понекогаш забораваме колку е важно да се биде хидриран. Забораваме дека водата е еден од најважните двигатели на нашиот организам. Но не ги забораваме мобилните телефони. Токму затоа преку нив, персонализирани нотификации ќе ве потсетуваат на она што го заборавате.
Освен календариумот кој што овојпат е збогатен со спортски настани, културни случувања, концерти, филмски проекции и слично, за кои што секој корисник ќе добива нотификација со информации како да ги проследи или како да биде дел од истите, апликацијата засега содржи и организатор со чија помош секој корисник ќе може да си го организира тековниот ден.
Македонската компанија Пелистерка веќе години наназад е лидер во производството и продажбата на природно газирана природна минерална вода. Со традиција долга повеќе од 65 години, низ годините изгради бренд кој што пак застанува зад скоро сите спортски случувања во државата, покровител е на голем број културни настани, подржувач на здрави иницијативи. Токму затоа одлучи во новата 2019 година, своите буџети, можности, знаење, капацитети, да ги насочи кон креирање здрави навики не само кај најмладите, туку кај сите. Апликацијата е само почеток. Во периодот кој што доаѓа, фокус ќе биде здравјето, здравиот живот и здравите навики.