Сега е вистински момент за купување акции, но внимателно треба да се искористи можноста

Кога паѓа вредноста на акциите, тоа, во принцип, важи за добар период за купување акции и, генерално, се купува кога се намалуваат цените, кога акциите паѓаат. Но во оваа ситуација, неизвесноста е премногу голема

Вредноста на акциите на светските берзи, но и на Македонската берза изминативе денови и недели е во континуиран пад. Очекувано, во согласност со случувањата на најголемите светски берзи, каде што се регистрираат милионски загуби, и на домашната берза, акциите се во пад. Единствено златото повторно го добива својот сјај и деновиве неговата вредност е во нагорна линија. На светските пазари и цената на нафтата континуирано се намалува, иако овој енергент одредени години важеше за стабилна инвестиција, па вообичаено при подеми и падови на берзите, нафтата беше имуна на притисоци. Драстичниот пад на вредностите на акциите е резултат на ширењето на коронавирусот низ целиот свет, а особено значителен пад беше забележан по прогласувањето пандемија.

На домашната берза вредноста на акциите се намалува, но упатените во проблематиката посочуваат дека е добро што компаниите, кои котираат на неа, имаат солидни фундаменти, односно дека се стабилни и остваруваат солидни заработки.
Какви ќе бидат идните чекори на инвеститорите, дали кризата наскоро ќе биде намината и дали е ова вистински момент за купување акции, со оглед на нивната намалена вредност, разговараме со инволвираните во проблематиката.

Се чувствува внимателност кај инвеститорите

Тие се согласни дека инвестиции во поевтини акции се паметна одлука, но упатуваат на внимателност, бидејќи неизвесноста сѐ уште трае.
– Вредностите се намалуваат, индексот е намален и сето тоа е резултат на загриженоста кај луѓето околу евентуалните економски последици од ширењето на вирусот во светот, а и во Македонија. Кога во светот почна да се појавува поголема загриженост, кога светските трендови покажаа дека состојбата нема наскоро да се подобри, тогаш се појави загриженоста и кај нас, односно се почувствува внимателност кај инвеститорите. Сепак, во оваа ситуација, добро е што фундаментите на компаниите што котираат на Македонска берза се стабилни, добро е што остваруваат добри добивки, добро е што тие имаат солидни дивиденди – кажа Коста Костадиновски, извршен директор во инвестицискиот фонд Илирика.
Костадиновски објаснува дека од ширењето на вирусот најпогодени ќе бидат компании од индустријата што имаат соработка и што се поврзани со странски доставувачи, поточно компании што се високозависни од соработката, било да станува збор за извоз или, пак, за набавка на репроматеријали.

Неизвесноста е премногу голема

Тој истакна дека недостигот од материјали, проблем со кој може да се соочат одредени компании, ќе резултира со неисполнување на договорените обврски, па дури и со сопирање на производството и појаснува дека доколку некоја компанија чека материјали од Италија, сегашната ситуација ја става во позиција да нема друг избор, освен да затвори еден месец додека да помине вирусот и да чека да се стабилизира состојбата.
– Кога паѓа вредноста на акциите, тоа, во принцип, важи за добар период за купување акции и, генерално, се купува кога се намалуваат цените, кога акциите паѓаат, но во оваа ситуација, неизвесноста е премногу голема, сѐ уште не е јасно каква економска импликација може да направи овој вирус. Кога сево ова би се завршило за неколку дена, ќе остане само на паника меѓу граѓаните во земјава, тогаш може да очекуваме дека ќе поминеме без поголеми штети, бидејќи фирмите ќе се вратат на своите секојдневни активности. Но ако вирусот продолжи да се шири и ако компаниите почнат да ги стопираат работните процеси, па ако се случи и отпуштање работници, или ако не успеат да ги остварат предвидените цели и регистрираат загуби, тогаш веќе е сосема поинаква ситуацијата… Затоа сметам дека сега има премногу непознати за да се предвиди како ќе се одвива ситуацијата. Треба да се биде претпазлив. Сега е вистински момент за купување акции, но внимателно треба да се искористи можноста – истакна Костовски.
Тој објаснува дека во земјава на берзата генерално котираат компании што не се директно поврзани и зависни од бизнисот и случувањата во Италија, но, сепак, посочува дека тоа не исклучува опасности и нарушување на состојбите во економијата.
– Доколку имаме банка чиј клиент соработува со компанија од Италија, извезува таму и истиот тој западне во состојба поради која нема да може да ги исплаќа навреме достасаните обврски кон банката, тогаш тоа може да предизвика и пад на планираните приходи на банката, што ќе се одрази и врз дивидендите и вредноста на акциите на банката. Ова е еден од начините на прелевање на проблемите, но не мора да значи дека ќе се случи. Поради овие факти треба да се биде претпазлив, иако кај нас генерално нема значајни движења на берзата, но сѐ зависи од идните случувања. Јас лично верувам дека наскоро ќе се среди состојбата, ќе се најде решение, веројатно со некоја вакцина, па состојбата ќе се врати во нормала – додава Костовски.
Тој дополнува дека во следниот период клучна ќе биде улогата на државата, особено во надлежностите што ги има централната банка.
– Кај нас бидејќи каматната стапка на Народна банка изнесува 2 проценти, има можност да се спушти на нула, но ЕЦБ нема голем избор, нема каде да ја намалува каматната стапка, тоа ќе биде симболичен потег. Сметам дека тежиштето на помошта во следниов период треба да биде насочено кон одлуките и мерките што ќе ги носат централните власти, преку разни форми на стимулации, преку продуктивно буџетско трошење, намалување даноци и други мерки за поддршка на економијата – заклучува Костовски.

Преовладуваат психолошките фактори

Македонската берзата регистрира пад уште со првиот потврден случај на коронавирусот во земјава, а директорот Иван Штериев посочи дека негативниот тренд е резултат на влијанието на актуелните меѓународни случувања.
– Негативниот ценовен тренд на пазарот примарно е резултат на влијанието на актуелните меѓународни случувања поврзани со коронавирусот и со високата меѓузависност на финансиските пазари во светот. Инвеститорите на нашиот пазар очигледно ги следат овие трендови и носат соодветни одлуки според сопствените процени, при што во вакви услови психолошките фактори преовладуваат – вели Штериев.
Тој додава дека будно се следи состојбата на пазарот и доколку е потребно ќе се искористат сите механизми што се на располагање.
– Во согласност со правилата за тргување постојат определени автоматски стабилизатори на ценовните движења во форма на т.н. статички и динамички дневни лимити при промената на цената на определени хартии од вредност – истакна Штериев. 


„Адора“ купи нови акции од Комерцијална банка

Градежната компанија „Адора“, на бизнисменот Ванчо Чифлиганец, преку берзански трансакции се стекна со нови 13.901 обична акција издадени од Комерцијална банка. Со овој потег, таа сега има над 12 проценти учество во банката, а за новите трансакции Комерцијална банка соопшти преку соопштение објавено на Македонската берза.
– Комерцијална банка АД Скопје ја известува јавноста дека во изминатиот период, преку берзански трансакции, правното лице „Адора инженеринг“ ДООЕЛ експорт – импорт Скопје се стекна со 13.901 обична акција издадени од Комерцијална банка АД Скопје. Правното лице „Адора инженеринг“ ДООЕЛ експорт – импорт Скопје, заедно со поврзаните лица, поседува вкупно 280.780 обични акции, односно има учество од 12,32 отсто во основната главнина на Комерцијална банка АД Скопје – е наведено во соопштението.