Индустриското производство во јули паднало за 9,5 отсто, додека во истиот период бил намален бројот на работници во индустријата за 6,2 отсто, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, бележи опаѓање од 36,1 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 6,5 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 2,6 отсто.
Според главните индустриски групи, производството во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, бележи опаѓање кај Енергија за 10,7 отсто, Интермедијарни производи освен енергија за 9,1 отсто, Капитални производи за 17,4 отсто, Трајни производи за широка потрошувачка за 37,3 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 0,6 отсто.
Во однос на бројот на работниците, пак, кај Рударството во јули 2020 тие бележат опаѓање од 0,7 отсто, во секторот Преработувачка од 6,9 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 0,9 отсто.
Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, бележи опаѓање кај Енергија за 0,9 отсто, Интермедијарни производи освен енергија за 5,4 отсто, Капитални производи за 10,9 отсто, Tрајни производи за широка потрошувачка за седум отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,4 отсто.
Инаку, од јануари до јули годинава, гледано кумулативно, индустријата регистрирала опаѓање на бројот на вработени за 4,6 отсто во споредба со лани, а најголема причина за ова е падот на индустриското производство од 13,8 отсто во првите седум месеци од годинава.