Процесот на гасификација на Македонија е во тек, а со оглед на тоа што сега се работи на примарната мрежа, гасот до домаќинствата би требало да се очекува дури за три до пет години. Во една таква констелација на работите, се поставува прашањето кое греење е најекономично во моментот. Но не помалку важен е и еколошкиот момент
Искуствата од земјите од соседството, но и од Европа, покажуваат дека гасот е главниот енергент за греење, додека огревното дрво претежно се користи во руралните подрачја. Оние со подлабок џеб инвестираат во загревање со топлински пумпи, кое, според познавачите на оваа област, е убедливо најекономично. Процесот на гасификација на Македонија е во тек, а со оглед на тоа што сега се работи на примарната мрежа, гасот до домаќинствата би требало да се очекува дури за три до пет години. Во една таква констелација на работите, се поставува прашањето кое греење е најекономично во моментот. Но не помалку важен е и еколошкиот момент. Државата, во обид да се справи со енормното загадување на воздухот во зимските месеци, најави дека ќе им купи инвертер-клими на сите оние што ќе се откажат од греењето на дрва во Скопје, Тетово, Битола и во Кичево.
Според најавите, државната компанија ЕСМ, поранешно АД ЕЛЕМ, ќе им исплаќа до 60.000 денари на сите оние што ќе решат да купат инвертер-клима и да престанат да ги користат печките на дрва.
Мерката секако е за поздравување, бидејќи за оваа сума можат да се купат сосема пристојни инвертер-уреди, кои се енергетски ефикасни, а воопшто не го загадуваат околниот воздух. Покрај тоа, освен за греење, инвертер-климите во летните месеци можат да се користат и за разладување на домовите, што е дополнителна предност. Единствено што загрижува е можноста увозниците сега да им ја зголемат цената на овие уреди, како што обично се прави кога државата ќе реши нешто да субвенционира.
Сега се поставува прашањето како на граѓаните од четирите најзагадени македонски града да им се објасни дека е подобро греењето на дрва да го заменат со струја или, пак, со некое друго еколошко гориво што нема да загадува.
– Сè е работа на менталитетот. На нашиве луѓе тешко ќе им објасниш дека сега греењето на дрва е поскапо од греењето на струја. Како по навика, штом дојдат летните месеци веднаш се купува огревно дрво и воопшто не се размислува за алтернатива. Па погледнете само од крстосницата кај „Цементарница“ до Драчево има еден куп стоваришта со дрва. Државата од една страна се бори против загадувањето, од друга страна ја стимулира продажбата на огревно дрво. Шумите се целосно опустошени, ги сечат и државните компании, како и дрвокрадците. Очигледно станува збор за добро разработен бизнис – вели Јован Неделковски, жител на Кисела Вода.
Според него, во загадените подрачја треба да се воведе целосна забрана за греење на нееколошки горива.
– Јас размислувам радикално. Точно е дека луѓето се сиромашни, но ако државата ти купи клима, печка на пелет или некое друго еколошко грејно тело, тогаш никој нема право да ја загадува нашата и иднината на нашите деца – категоричен е Неделковски.
Инвертер-климите, ако им се верува на оние што ги продаваат, не би требало да потрошат струја во вредност повеќе од 3.000 денари месечно и тоа ако работат 24 часа без прекин, бидејќи кога не се исклучуваат всушност се најефикасни. Ако се занемарат тврдењата на трговците и ако на тоа се додадат уште 1.000 денари заради различни околности, инвертер-климата за шест месеци греење би требало да потроши околу 24.000 денари. И оваа бројка зависи од квалитетот на климите, нивната ефикасност и режимот на користење. Нивна мана е што може да се постават само во една просторија и во зависност од капацитетот да греат една до две простории. Слабост им се и многу ниските температури кога ја губат ефикасноста, како и магливото време.
Огревното дрво, легално набавено, доставено и подготвено за горење чини околу 3.700 денари за кубик, а за загревање на куќа од 100 квадратни метри се потребни минимум 10 кубика, со тоа што обично се греат кујната и дневната соба, додека преостанатиот простор останува незагреан. Доколку во куќата има централно греење, тогаш за пристојно загревање на домот се потребни меѓу 13 и 15 кубици, со што цената за грејна сезона на дрва просечно се движи меѓу 37.000 денари и 55.500 денари. Колку за напомена, оваа цена може да биде и пониска и повисока, ако станува збор за некласично греење, односно ако домот се грее по три до четири часа во денот или, пак, се ужива во благодатите на домашните камини, кои се познати по топлината, но и по големата потрошувачка.
Централното греење не е секаде достапно, го има во делови на Скопје, но поголемиот дел од градот не е покриен со вакво загревање.
За стан од 100 квадратни метри месечно се плаќаат околу 3.000 денари, така што грејната сезона оние скопјани со поголем стан ги чини околу 36.000 денари, додека тие со помали станови плаќаат меѓу 18.000 и 26.000 денари, во зависност од квадратурата. Градските власти најавија дека по преземањето на топловодната мрежа ќе понудат соодветни пакети за различни категории граѓани, за повторно да ги вратат исклучените од мрежата, а во нивен план е и проширување на мрежата во делови на градот каде што тоа технички би можело да се изведе.
Последниве години атрактивно станува греењето на пелети, а една вреќа квалитетен пелет од 15 килограми чини меѓу 200 и 220 денари. Се разбира има и такви што се продаваат и за 170 денари, но реакцијата на граѓаните е дека поевтините пелети содржат повеќе влага, произведуваат повеќе пепел при согорувањето и се помалку ефикасни.
Грејната сезона со ова гориво за еден стан од 100 квадратни метри би чинела од 24.000 денари за обичните печки, до 44.000 илјади денари за оние за централно греење.
Сите наведени параметри, со исклучок на централното греење, може да варираат, бидејќи зависат од многу фактори. Најважен од сите е добрата изолација на куќата или станот, потоа режимот на употреба на грејното тело, како и квалитетот на огревот.