Фото: Дарко Андоновски

Во држава што се промовира дека има рамни даноци, неопходно е вкупните давачки кон јавниот сектор да останат само во рамките на тие даноци. Намалувањето, рационализацијата или можеби целосното елиминирање на неданочните и парафискалните давачки е неопходен процес, за создавање поволен деловен амбиент во Република Македонија

Недостигаат конкретни податоци и увид во точните давачки што ги имаат компаниите кон разни регулаторни тела, агенции или, пак, кон локалните самоуправи. Во последниве години драстично се зголемиле неданочните давачки на компаниите и притоа, како што укажуваат бизнисмените, не влегуваат сите во буџетот на државата. Затоа тие апелираат да се направи еден регистар на сите давачки, но и да се провери нивната неопходност.
– Непишаното правило вели дека во земјите со рамен данок, висината на неданочни и парафискални давачки експоненцијално расте – а случајот на Република Македонија е неоспорна потврда за тоа. Во 2016 година, по основа на неданочни и парафискални давачки, во буџетот се наплатени над 251,5 милион евра. Морам да истакнам дека тоа е само износот што е уплатен на буџетските сметки, никој нема евиденција за средствата што се плаќаат на сметките во комерцијалните банки на различните агенции, регулаторни тела и управи – истакна првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Според него, неопходно е во држава што се промовира дека има рамни даноци, вкупните давачки кон јавниот сектор да останат само во рамките на даноците, да се проценат оправданоста и целисходноста од постоењето и воведувањето одредени надоместоци и давачки и да се усогласи висината на давачките.
– Овие дополнителни давачки и нивната непредвидливост ја уништуваат и онака кревката конкурентност на македонското стопанство, а тоа не смееме да си го дозволиме – истакнува Азески.
Во анализата што ја направиле од Стопанската комора на Македонија „Неданочните и парфискални давачки како оптоварување на правните субјекти во Република Македонија“, утврдиле дека ако се земат предвид неданочните и парафискалните давачки, ефективното оптоварување на стопанските субјекти е поголемо отколку кога би се анализирале само даночните давачки.
– Зголемувањето на бројот на неданочни и парафискални давачки е евидентно во последните години во Република Македонија. Поради тоа, намалувањето и рационализацијата на неданочните и парафискалните давачки е неопходен процес, за создавање поволен деловен амбиент во Република Македонија, со што би се овозможило пораст на приватниот сектор, кој би бил двигател на економскиот развој – образложи в.д. оперативна директорка на комората, Анета Трајковска.
Трајковска истакна дека со нивната анализа дошле до заклучок дека даночниот систем во Македонија оставил неограничен простор со разни секторски закони, подзаконски акти, локални одлуки, одлуки на управните одбори на агенциите или одборите на јавните претпријатија, да се воведуваат разни давачки што тешко се контролираат, па Министерството за финансии не може да има комплетна слика и контрола врз овој систем во нашата земја.

Исто така укажаа дека има отсуството на транспарентност во процесот на воведување одредени давачки и нивните промени. Меѓу другото, констатирано е прелевање на наплатата на претходно воспоставени надоместоци, и тоа од буџетската сметка на сметките во деловните банки на разни органи на управата (агенции, дирекции, центри, бироа и слично).
– Една од клучните констатации е зголемување на бројот на неданочни и парафискални давачки во последниве години во Република Македонија, а причините за ваквата состојба се многубројни, но во суштина се сведуваат на потребата на јавните институции да обезбедат средства, не водејќи сметка за нивното негативно влијание врз конкурентноста и деловната клима во Р. Македонија. Сублимирано, во периодот од 2008 година до 2016 година има воведено вкупно 84 нови давачки што се уплатуваат на буџетската сметка (18 видови давачки што се вклучени во т.н. други даноци, 41 вид неданочни давачки и 25 нови глоби), со што е постигнато дополнително оптоварување на правните и физичките лица на годишно ниво, во износ околу 20 милиони евра – посочи Трајковска.
Поранешниот министер за финансии Џевдат Хајредини вели дека укажувањето на претседателот на комората е на место, можеби малку презадоцнето, бидејќи буџетот за оваа година е веќе направен.

– Вакви апели се неопходни пред да почне подготовката на буџетот. Сметам дека Министерството за финансии има и мора да има увид во сите финансии. Сосема е на место барањето да се намалат давачките на компаниите, но ако денес се укине дел од нив, ќе се направи проблем во реализацијата на планираните проекти што се финансираат од буџетот. Сепак, сосема е оправдано барањето да се разгледа даночниот систем, кој треба да е едноставен, да нема исклучоци, да е долготраен и да нема постојано измени – вели Хајредини.
Тој додава дека Министерството за финансии треба да излезе со податок какви давачки има и дали тие се оправдани, посочувајќи дека веќе се намалени глобите, кои исто така влегуваат во буџетот.
– Во согласност со анализите и истражувањата од спроведената анкета, потврдено е дека од година на година значително расте оптоварувањето на компаниите со неданочни и парафискални давачки, како што растат и бројот на нововоспоставените давачки и промената во висината на тие давачки. Имено, се потврди фактот дека ефективното оптоварување на стопанството е поголемо отколку што може тоа да се заклучи само врз основа на постојните даночни давачки – истакна Трајковска.
Поради комплексноста на процесот од СКМ велат дека се подготвени да се вклучат во реформа на системот на јавни приходи. Сметаат дека е важно системот на јавни приходи во Македонија да биде строго уреден и под надзор од Министерството за финансии.
– Потребна е реформа на законската и подзаконската регулатива поврзана со неданочни и парафискални давачки. Да не може да се воведе дополнителна давачка без согласност од Министерството за финансии или мислење доколку се работи за одлуки на Владата. Сите досегашни сопствени приходи на државните органи, органите на управата и локалните самоуправи, агенции, дирекции, бироа и слично, да станат приходи на буџетот. Да се спроведе прецизна класификација на сите фискални форми што постојат во даночниот систем и како даноци да се наречат само давачки што имаат карактер на даноци, но не и надоместоците, таксите за одредени добра и услуги. Оваа класификација предлагаме да ја спроведе Министерството за финансии во најкраток рок – бараат од комората.
Тие исто така предлагаат да се воспостави регистар на неданочни давачки што постојат во Македонија.


Препораки за унапредување на системот за јавни давачки

Врз основа на направениот регистар на парафискални и неданочни давачки од страна на Министерството за финансии во соработка со општините, други државни органи и претставници од коморите и реалниот сектор да се почне со соодветни анализи што ќе ја покажат оправданоста од постоење и воведување надоместоци и давачки, односно нивно укинување, бидејќи одредени давачки и сега покажуваат дека не поседуваат фискален капацитет, не остваруваат значаен фискален приход, а претставуваат значаен трошок, како за државната администрација, која го утврдува и наплатува, така и за обврзниците што го плаќаат. Потоа интегрирање слични давачки, изедначување на висините на давачките за исти и слични видови административни или други услуги, подготвување преглед на давачки од страна на правните лица што се плаќаат во различни општини, подготвување преглед на разни плаќања, кои се плаќаат на сметките на деловните банки и произлегуваат од државни агенции, бироа, јавни претпријатија и слично.
– Имајќи предвид дека парафискалните и неданочните давачки се комплексна материја и со направеното истражување се дојде до основни сознанија и заклучоци, давањето препораки за унапредување на системот за јавни давачки претставува еден од најкомплексните задачи и затоа препораките не се конечни и бизнисот поддржува давање дополнителни препораки и вклучување на сите засегнати страни во остварување на заедничката цел – истакна Анета Трајковска, оперативна директорка на Стопанската комора на Македонија.