Рестриктивните мерки наметнати заради спречување на ширењето на пандемијата на ковид-19 целосно ги прекина приливите и и онака непостојаните приходи на шнајдерите, чевларите и на други занаетчии. Како што укажуваат инволвираните, со препораките за намалување на физичките контакти, но и со забраната за масовни собирања, дојде до масовно откажување на свадбите, матурските прослави и слично, така што вршителите на овие дејности едноставно беа принудени да ги затворат работилниците.
– Со забраната за организирање свадби, целата работа запре. Ако претходно имав порачки и не можев да кренам глава од работа, особено што имаше најави за многу нарачки, и се мислев како ќе постигнам сѐ, за кратко време сѐ беше откажано или одложено. Сега се мислам како да купам леб. Јас работам сама, немам никого вработено, иако некогаш обемот на работа е навистина голем, но тоа е периодично. Вообичаено во овој период од годината, кога масовно се правеа свадби и кога се матурите и полуматурите, имав повеќе работа. Со парите што ги обезбедував во овој период од годината успевавме да ги покриеме трошоците за нашето семејство за половина година, сега не знам како ќе ја преживееме годинава – вели Жанета Дамјановска, шивачка од Скопје.
Таа додава дека со ситните поправки што ги прави во текот на летните месеци не може да обезбеди доволно финансии, и дека дури и размислува како ќе успее да ги плати трошоците за малата просторија во која работи. Истакнува дека нема друг занает и нема друг избор, па затоа не размислува за затворање.
– И да сакам да најдам друга работа, сега не сум во можност, никој нема да ме вработи во оваа ситуација и плус поради моите години. Но искрено не знам како ќе ја истуркаме годината, бидејќи ова ни е најклучниот период од годината, кога се прави и најголемата заработка – додава Дамјановска.
Претставниците на Занаетчиската комора веќе излегоа со прес-конференција на која посочија дека голем број од регистрираните занаетчии се пред колапс и дека им е неопходна поддршка, како и на преостанатите компании што се соочуваат со проблеми во ликвидноста поради стопираните економски текови.
– Целиот занаетчиски сектор е во криза затоа што нема побарувачка за занаетчиските производи и услуги. Сите сектори се погодени започнувајќи од секторот лични услуги како фризери, козметичари и масери, кои не можат да ја вршат дејноста во услови на пандемија од причина што постои висок ризик за заболување. Во иста ситуација се и преостанатите занаетчиски дејности затоа што нема работа во моментов за никого. Бравари, столари, слаткари, градежници, златари, филигранисти, поправка на апарати за домаќинствата и сите занаети се погодени.
Занаетчиите се во паника како ќе ги намират обврските кон државата, како и преостанатите обврски за закуп, струја, вода и парно за деловните простори и со кои финансиски средства ќе ја поминат оваа кризна состојба во ситуација кога воопшто не остваруваат промет – кажа Анета Атанасовска, од Комората на занаетчиите во Скопје.
Занаетчискиот сектор не е за занемарување затоа што само во регистарот на Занаетчиската комора во Скопје се регистрирани 2.000 активни занаетчии од најразлични дејности, а на ниво на целата држава има околу 9.000 занаетчии.
Сепак, се претпоставува дека има многу поголем број занаетчии, кои се дел од сивата економија и чии примања сега се значително намалени, што ги прави уште повеќе изложени на ризик и на опасност од осиромашување.
Економскиот експерт Здравко Савески истакнува дека токму најранливите категории граѓани и работни места се први на удар кога се случуваат економски кризи.
– При големи економски кризи, како што е сегашната, вообичено најпогодени се земјите во развој, а во нив најранливите категории, поточно граѓаните што немаат редовни приходи и кои можат да бидат брзо избркани од работа. На удар се и граѓаните што работат непријавени, кои работат на дневна основа, кои немаат договори за работа, односно се непријавени.
Тие први остануваат без работа и без приливи во семејството. Сега најактивната улога за спас од сиромаштијата треба да ја има државата, пред сѐ, за да спречи раст на невработеноста, бидејќи во криза приватните субјекти се стремат да бидат попретпазливи, па во ситуација кога се намалува економската активност ќе расте невработеноста – вели Савески.
Инаку, занаетчиите можат да аплицираат за владината поддршка во рамките на мерката за исплата на минимална плата.