Јавниот долг на Македонија, заклучно со 31 март 2020 година, достигна 50,7 отсто од БДП што, според домашните експерти, е „жртва“, која како и секогаш во време на економска криза економските субјекти и државата ќе мора да ја платат, додека некои нивни колеги укажуваат дека голем национален долг не значи и лоша економија, напротив една држава може да биде слабо задолжена бидејќи е неразвиена и никој не сака да ѝ позајмува
Јавните долгови на државите од целиот свет во последниве месеци забрзано растат бидејќи владите се обидуваат да обезбедат средства за санирање на економската штета предизвикана од пандемијата на коронавирусот, како и за економско закрепнување на земјите, пишува американскиот портал „УС Дебт клок.орг“.
Јавниот долг на Македонија, заклучно до 31 март 2020 година, достигна 50,7 отсто од БДП. Со оглед на фактот што пандемијата нѐ погоди од средината на март и што во екот на економско-здравствената криза државата пристапи кон дополнителни заеми, сосема е очекувано долгот да биде поголем.
– Во последните неколку години каматните стапки на меѓународните финансиски пазари се движеа на доста ниско ниво, што беше резултат на високата ликвидност со која се соочуваа меѓународните финансиски институции. Во тековниот период, поради познатата здравствено-економска криза во поголемиот дел од светот, економијата во поголем број земји се движи во надолна линија, поради застојот во нивното производство и намалената побарувачка на стоки и услуги. Тоа условува влошување на буџетската состојба и на кондицијата на поголем број земји, а особено на земјите во развој – вели универзитетскиот професор Томе Неновски.
Неновски посочува дека поради влошената економска состојба, како кај нас така и во светот, побарувачката за кредити на меѓународните пазари ќе се зголемува, а со тоа и нивото на каматните стапки.
– Најавените нови задолжувања на земјата дома и во странство, недвосмислено, ќе водат кон натамошно зголемување на јавниот долг на земјата. Неблагодарно е да се прогнозира приближното ниво на јавен долг што земјата би го достигнала до крајот на оваа година. Во тие пресметки, секако, треба да се земат износите на долговите на земјата што треба да се вратат спрема домашните и странските кредитори до крајот на оваа година. Во секој случај, може да се очекува дека јавниот долг на Македонија до крајот на оваа година ќе го надмине психолошкиот праг од околу 60 отсто од БДП. Тоа ќе ги зголеми износите на обврските на државата спрема нејзините кредитори, што значи дека во идните години ќе се бележат растечки износи на средства од државниот буџет, кои ќе бидат насочувани за отплата на тој долг – објаснува професорот.
Нормална последица од тоа, според Неновски, ќе биде намалување на делот од буџетот што ќе се користи за продуктивни цели, што во следните години може да предизвика растечки даночни оптоварувања за економските субјекти во земјата, а со тоа и продолжени негативни дејства врз големината на БДП.
– Тоа е „жртва“, која, како и секогаш во време на економска криза, економските субјекти и државата ќе мора да ја платат. Овој пат, изгледа, најголема досега – истакна Неновски.
Заради споредба, истражувањата на „УС Дебт клок.орг“ покажуваат дека Соединетите Американски Држави (САД) имаат најголем долг меѓу државите во светот во номинална смисла, но ако се спореди јавниот долг со бруто-домашниот производ (БДП), тогаш Јапонија е на врвот на листата на најзадолжени земји, бидејќи учеството на долгот во економскиот производ достигнува 283 проценти. Кина, како втора најголема економија во светот, пак, има долг што опфаќа 53 проценти од БДП. Кога станува збор за европските земји, најголем товар на јавниот долг во однос на економскиот производ има соседна Грција. Нејзиниот долг достигнува дури 220 проценти од БДП. По Грција, најзадолжена европска земја е Италија со долг што достигнува 158 проценти од БДП, а потоа следува Португалија со долг што опфаќа 156 проценти од бруто-домашниот производ на земјата, а по неа следува Белгија со 128 проценти долг.
Локомотивата на европската економија, Германија, исто така значително го зголеми националниот долг, кој сега изнесува околу 81,6 проценти од БДП, францускиот долг ја надмина вредноста на годишното домашно производство на 116 проценти, а ситуацијата е слична со Велика Британија, чиј долг е 105,5 проценти од БДП. Според податоците од овој портал, кој ги следи промените во должничката состојба на 30 светски земји во реално време, Саудиска Арабија и Русија имаат најмал удел на јавниот долг во БДП, 15,7 проценти и 19,3 проценти, соодветно.
Каква улога има националниот долг и дали тој е показател за финансиската (не)стабилност на земјите? Експертите укажуваат дека голем национален долг не значи и лоша економија, напротив една држава може да биде слабо задолжена бидејќи е неразвиена и никој не сака да ѝ позајмува. Меѓу најмалку задолжените земји во светот се Макао, Хонгконг, Брунеи, Авганистан и Естонија.
Сепак, да се има голем национален долг не е причина за обесхрабрување на купувачите на обврзници. На пример, иако САД се високозадолжена земја, сепак, многу луѓе сакаат да купат американски државни обврзници. Од друга страна, Турција не е меѓу земјите со висока задолженост, но многу мал е интересот за нивните државни обврзници. Одредени земји, како САД, секогаш се сметаат за добро место за инвестирање, па државните обврзници се барани.