Последниот квартал од оваа година ќе биде одлучувачки за опстанокот на текстилната индустрија поради најавите за можно намалување на нарачките од странските партнери за 40-50 отсто, па дури и за целосно откажување
Намалeниот извоз, намалената ликвидност и сѐ помалкуте нарачки ја водат текстилната индустрија кон колапс. Текстилите претприемачи велат дека немаат начин како да ја пребродат кризата, па бараат нови мерки за директна поддршка од државата. Дури и наскоро да се стабилизира ситуацијата, што е малку извесно, оценуваат оти ќе им требаат нови шест месеци за да се вратат во кондиција, а стравуваат и од губење работни места.
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија и директор на една од текстилните компании, очекува дека во следниве месеци текстилниот сектор ќе го претрпи најголемиот удар од ковид-19. Причината за ова, тој ја лоцира во сезонскиот карактер на оваа дејност, бидејќи во април и мај, кога дуќаните во Европа биле затворени, требало да се продаваат артиклите од сезоната пролет-лето 2020 година. Сега овие производи се во магацините на партнерите на нашите домашни компании и не може да се продадат, а за пласман на нова колекција не станува ни збор.
– Проблемите со кои се соочува текстилната индустрија се движат од откажување на нарачките до честите отсуства на вработените. Новиот проблем се појави во октомври и ќе трае и во следниве месеци, до крајот на годината, поради немање доволно нарачки за оваа сезона. Имено, сега треба да се изработуваат модели за сезоната пролет-лето 2021 година, а магацините се полни со артиклите што во март, април и мај се повлекоа од малопродажните објекти – истакна Димитров.
Тој вели дека извозот на ЛОН-производството, кое во текстилот е застапено со 92 отсто, за периодот јануари-август 2020 година, во однос на истиот период лани бележи пад од 16,8 отсто. Се надева дека од март 2021 година состојбата со нарачките ќе се стабилизира, но сето тоа многу ќе зависи од ситуацијата со пандемијата.
Од Стопанската комора на Македонија нагласуваат дека поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот во земјава, како и поради влошеното меѓународно опкружување и значителниот пад на надворешната побарувачка, текстилниот сектор има негативни последици.
– Вкупниот извоз на текстилната индустрија во 2019 година изнесувал над 540 милиони eвра, додека за првите осум месеци од 2020 година тој изнесува 320 милиона евра и бележи намалување за 7 отсто во однос на истиот период претходната година – велат од СКМ.
Оттаму додаваат дека во изминатиов период домашните текстилни компании успеаја да ги намалат негативните влијанија предизвикани од здравствено-економската криза и да го одржат бројот на вработени, пред сѐ поради компензирањето на намалените нарачки за облека и модни производи со производство на заштитни маски и друга заштитна облека, за која се јави поголема побарувачка.
– Неизвесноста и актуелното заострување на кризата и понатаму негативно ќе влијаат врз секторот. Во согласност со укажувањата на компаниите-членки на Стопанската комора на Македонија, последниот квартал од оваа година ќе биде одлучувачки за опстанокот на текстилната и кожарската индустрија поради најавите за намалување и откажување на нарачките од странските партнери помеѓу 40-50 отсто во однос на претходните години – појаснуваат од СКМ.
Надлежните од Комората велат дека кај компаниите е евидентно дека имаат намалени и откажани налози или нарачки во помали серии од страна на долгогодишните странски партнери, пред сѐ од Германија, а според најавите и процените на сопствениците на компаниите, ќе бидат потребни повеќе од шест месеци за нормализирање на нарачките и производството.
– Бидејќи се очекува намалена економска активност, профитабилност и ликвидност на компаниите од текстилниот сектор, неопходни ќе бидат мерки за директна поддршка на компаниите, за поддршка на развојот на конкурентноста, автоматизацијата и дигитализацијата на одредени сегменти од производствениот процес, како и за набавка на нова опрема во согласност со промените на пазарот – констатираат од СКМ.