Фото: Игор Бансколиев

Многумина од домашните и од странските експерти посочуваат дека оваа криза ќе предизвика промени и притоа очекуваат голем број компании, кои имаат свои фабрики или производство во Кина или во некои од другите азиски земји, по искуствата со производството во текот на пандемијата, да ги разгледуваат опциите за повторно враќање на своите производствени капацитети на европска почва

Дали пандемијата на ковид-19 ќе донесе значителни промени во движењето на капиталот и какви се нашите потенцијали за привлекување нови инвестиции, се две прашања што се наметнуваат по продлабочувањето на глобалната економска криза. Многумина од домашните и од странските експерти посочуваат дека оваа криза ќе предизвика промени и притоа очекуваат голем број компании, кои имаат свои фабрики или производство во Кина или во некои од другите азиски земји, по искуствата со производството во текот на пандемијата, да ги разгледуваат опциите за повторно враќање на своите производствени капацитети на европска почва. Токму ваквите очекувања навестуваат можност нашата држава, како и другите во соседството, да привлече нови инвеститори.

Секоја криза е истовремено и шанса

Професорот Зоран Ивановски од Универзитетот за туризам и менаџмент посочува дека секоја криза е истовремено и шанса, и токму оваа состојба може да помогне, доколку успееме да целиме на компаниите, кои поради состојбата со коронавирусот се подготвени да се селат од Азија.
– Голем број од инвеститорите, кои имаа компании во азиските земји, размислуваат како да го вратат производството во матичните земји или, пак, во соседството, што е можност за нашата земја да ги примами да инвестираат кај нас, во нашите зони. Оваа голема криза, освен геополитички и стратегиски промени, ќе предизвика и големи економски промени, а некои од нив ќе бидат и селење на капиталот, и на финансискиот и на реалниот, и оттука сметам дека треба да се работи на добра кампања за да им се понуди на инвеститорите да се свртат кон нашата земја. Секако дека ќе има голема конкуренција, бидејќи и другите земји во околина размислуваат на ист начин, но токму затоа треба навреме да се реагира и да се дејствува – истакна Ивановски.

Што може да понуди државата

Од Стопанската комора на Македонија истакнуваат дека, со оглед на фактот дека коронавирусот и мерките што се преземаат заради спречување на неговото ширење, неминовно ќе доведат до забавување на економската активност и дека повеќето од компаниите, вклучувајќи ги и големите индустриски капацитети, ќе трпат огромни штети во работењето.
– Како ќе продолжат странските инвеститори успешно да работат во вакви услови, секако, ќе зависи од самите компании и од нивниот потенцијал да направат соодветна реорганизација на производството, поради намалената побарувачка, но и од поддршката на државата, заради побрзо закрепнување и полесно пребродување на последиците од кризата. Мултинационалните компании ги следат и ги анализираат компаративните искуства од работата на нивните компании во разни земји, па оттука, тоа може да биде и една од причините за преселување на производството во друга земја, која нуди засилена поддршка за работа на странските инвеститори што, секако, може да има огромни последици за националната економија, од аспект на намалена економска активност, намалено производство на софистицирани производи со додадена вредност, зголемен број невработени итн.

Повеќе од јасно е дека поддршката на приватниот сектор во овој кризен период, кој не го вклучува само периодот на траење на вонредната состојба, туку и потоа, е повеќе од потребна. Очекувањата се дека преку мерките, кои би овозможиле одложување на побарувањата и обврските, но и засилена поддршка за големите индустриски капацитети, ќе се овозможи полесно пребродување на негативните економски ефекти за компаниите, но и за националната економија – објаснува Елена Милевска Штрбевска, главна советничка на управниот одбор на СКМ.

Таа додава дека придонесот на странските инвестиции во последните три години во економиите на Западен Балкан е особено значаен за технолошкиот напредок и трансфер на знаења, креирање нови работни места и со тоа за поттикнување на економскиот раст.
– Сите сериозни корпорации ќе вршат длабински анализи и компарации за државната поддршка што ја добиваат нивните експозитури во земјите од регионот. Ова ќе биде клучна одредницата за натамошно ширење на производството во земјата и за вклучување во новите текови на постпандемиската автомобилска индустрија – кратко посочува Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство во рамките на Советот на странски инвеститори при СКМ.


Во Европа веќе се прават рангирања на градовите поволни за инвестиции

Во меѓувреме, во Европа веќе се прават рангирања на градовите зависно од предностите што ги имаат, а едно такво рангирање направи „Имерџинг Јуроп“, кои поканија 70 експерти за глобални локации и советници за директни инвестиции во странство да ги одмерат различните вредности на 75 града во земјите во развој, при што биле разгледувани национални престолнини или градови со над 200.000 жители.
Притоа главниот град на Унгарија, Будимпешта, победи во две од осум категории, бренд и поддршка на локалните власти. Другите категории ги освоиле Тбилиси во категоријата економски потенцијал, Лоѓ во деловна клима, Букурешт во категоријата базен на таленти, Софија и Талин во паметен развој на градот, Варшава во категоријата инфраструктура и поврзаност и Прага во категоријата квалитет на животот.

– Будимпешта е прекрасен град со одличен деловен екосистем и долга историја на иновативни идеи. Има неверојатно силен бренд и не е изненадување што експертите го признаа тоа. Но јас исто така сум воодушевен што неколку други градови го привлекоа вниманието. Ние сакаме да ги промовираме можностите во градовите во регионот и една од главните причини што ја организираме оваа анкета е да донесеме експерти за локација, кои влијаат врз одлуките каде може да се инвестира. Мислам дека ова истражување засновано врз перцепцијата на експертите покажува колку тие веќе знаат за регионот и драго ми е што презедовме клучна улога во тоа – вели Ендру Вробел, основачки партнер на „Имерџинг јуроп“.

Упатените во работата на слободните економски зони во земјава посочуваат дека преселбата на капиталот на светско ниво не се прави во кратки рокови и дека за префрлање на компаниите истите тие прво прават детални анализи, при што покрај деловната клима се разгледуваат и други фактори како што се инфраструктурните можности, како и поврзаноста со главните коридори или со аеродромите.