Пазарџиите ја поздравија одлуката на Министерството за економија да се укине проблематичниот закон, но тие веднаш прашаа дали можеби станува збор за предизборен маркетинг, особено поради тоа што веќе се најавува ново законско решение
Законот за трговија на зелените пазари се укинува целосно, откако во Министерството за економија согледале дека истиот тој ќе предизвика социјални и фискални последици врз продавачите. Пазарџиите ја поздравија ваквата одлука на министерството, но тие веднаш прашаа дали можеби станува збор за предизборен маркетинг, особено поради тоа што веќе се најавува ново законско решение.
– На седница на Владата го усвоивме предлог-законот за престанок на важење на Законот за трговија на пазари, но остваривме средби со сите засегнати страни за да изготвиме нов закон што ќе биде добар за сите, особено за продавачите на пазарите – посочи министерот Крешник Бекташи, кој додаде дека одлуката за престанок на законот веќе поминала на владина седница и дека се испраќа во Собранието, каде што по скратена постапка треба да биде изгласана.
Од Министерството за економија појаснуваат дека врз основа на направените анализи, компаративни советувања и процени, констатирале дека Законот за трговија на зелените пазари не се применува односно дека инсистирањето за негова примена би довело до социјални, економски и фискални последици врз продавачите на зелените пазари, што генерално ќе се одрази на целокупниот систем според кој функционираат зелените пазари од аспект на трговија на истите тие.
– Министерството за економија изготви предлог-закон за престанување на важење на Законот за трговија на зелените пазари по скратена постапка. Се очекува, откако ќе поминат процедурите во Владата, постапката да продолжи во Собранието. Министерството за економија ќе оствари средби со засегнати страни, за да се направи квалитетна анализа на состојбата како и да се предвидат условите и начинот на кој би функционирала односно би се уредувала оваа материја – појаснуваат од министерството.
На вчерашната прес-конференција министерот Бекташи појасни дека со оглед на тоа што главните забелешки се однесуваат на цената на лиценците и на тоа што само една комора можеше да ги издава, во следното законско решение е предвидено лиценците да се издаваат кај сите комори. Тој напомена дека ќе се прават и други измени, и дека се анализираат состојбите, по што ќе се пристапи кон изработување следно законско решение.
По бурните реакции во јавноста минатата година, примената на овој закон беше одложена за една година со ветување од надлежните дека во меѓувреме ќе се разгледаат и променат проблематичните сегменти од него. Досега никакви промени не беа направени, но по апелот на Групацијата на пазарите во рамките на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија во септември, биле остварени неколку средби меѓу владините претставници и членовите на групацијата, при што било ветено дека истиот тој ќе се одложи.
– Од почетокот на ноември досега имавме активна комуникација со надлежното министерство и ветување дека законот за трговија на зелените пазари нема да биде во функција, ниту од почетокот на идната година. Одлуката истиот тој да се укине е за поздравување – посочуваат претставници на Стопанската комора на Македонија.
Оттаму додаваат дека и сега закупците на тезги работат во согласност со законите и нивното функционирање како субјекти на пазарите не е надвор од системот. Тие исто така посочуваат дека од почетокот на 2019 година ги сумирале сите аспекти од функционирањето на дејноста на пазарџиите и нивната констатација е дека ова законско решение нема да одреди нешто повеќе од она што досега е уредено со постојните закони.
– Стопанската комора на Македонија веќе укажа дека законот треба да се одложи, а наедно укажавме и дека истиот тој може и да се укине и нашата сугестија ја поткрепивме со 12 факти со кои укажавме со кои законски и подзаконски акти и кои институции во државата го следат работењето на закупците на тезги и сега – додаваат од СКМ.
Проблематичниот Закон за трговија на зелените пазари, кој е стопиран веќе цела година, предвидуваше лиценцирање на пазарџиите, лимитирање на бројот на тезги, што значи еден трговец може да изнајмува само една тезга. Наедно беше предвидено на пензионерите да им се одземе правото да продаваат на пазарите бидејќи добиваат пензија, а истото тоа да важи и за граѓаните што се водат како технолошки вишок, хонорарци и приматели на социјална помош.