Во јуни 2019 година се издадени 202 одобренија за градење, со што е регистриран пад на издадените одобренија за 1,5 отсто во однос на истиот месец од претходната година, објави Државниот завод за статистика. Предвидената вредност на објектите изнесува 2.269.468 илјади денари, што е за 23 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 128 или 63,4 отсто се наменети за објекти од високоградба, додека, пак, 26 или 12,9 проценти се за објекти од нискоградба и 48 односно 23,7 отсто за реконструкција.Од вкупно 202 објекти, на 124 или на 61,4 отсто инвеститори се физички лица, а на 78 или 38,6 проценти инвеститори се деловни субјекти.
Со овие одобренија е предвидена изградба на 516 стана.
Пад на прометот во индустријата
Според податоците на Државниот завод за статистика, прометот во индустријата, во јуни 2019 година во однос на истиот месец во 2018 година, е намален за 4,7 отсто. Падот на прометот во индустријата во јуни, во однос на мај годинава е 7,5 проценти.
Според главните индустриски групи, вкупниот промет во индустријата во јуни 2019 година, во однос на јуни 2018 година, бележи опаѓање кај интермедијарни производи за 5,3 проценти, кај капитални производи за 5 отсто, кај трајни производи за широка потрошувачка за 9,6 и нетрајни производи за широка потрошувачка за 3,4 проценти.Сепак, за периодот јануари – јуни 2019 година, во однос на истиот периодот 2018 година, прометот во индустријата бележи раст од 9,5 отсто.