Оштетените штедачи на Еуростандард банка поднесоа иницијатива до Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 163 став 3 од Законот за банки, со којшто се дава предимство за целосна наплата од стечајна маса на банка од страна на Фондот за осигурување на депозити.
Велат дека со наведениот член од Законот за банки се прави нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајна постапка на банка, бидејќи врз основа на оваа одредба се фаворизира побарувањето на Фондот за осигурување депозити наспроти сите други доверители. На овој начин, наведуваат штедачите, во исклучителна подредена позиција се доведуваат граѓаните – физички лица кои имаат депозити над износот на осигурување во Фондот (30.000 евра) и особено правните лица – депоненти за кои не постои никакво осигурување и обештетување при настанување на стечај на банка.
– Имајќи ја предвид актуелноста на прашањето за примена на Законот за банки во делот на водење стечајни постапки преку примената на наведените одредби од законот во стечајната постапка на Еуростандард банка, чија стечајна постапка е на самиот почеток, се бара од Уставниот суд на РСМ да изрече привремена мерка. Со носење на оваа привремена мерка се предлага да се запрат од извршување сите подзаконски акти, поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на наведениот член од Законот за банки до конечната одлука на Уставниот суд – се наведува во соопштението на оштетените штедачи.
Со оглед на итноста за решавање на прашањата поднесени по оваа иницијатива, Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка се надева и очекува дека ќе ја слушне конечната одлука на Уставниот суд во најскоро можно време.
Воедно, оттука известуваат и дека нема да отстапат од нивното барање за целосно обештетување на нивните депозити од страна на државата преку носење закон, уредба на Влада или некој друг правен механизам, за што ја продолжуваат нивната борба за вистина и правда до остварување на конечната цел.