Ендру Мекдауел, потпретседател на Европската инвестициска банка
Бидејќи пандемијата влегува во својот втор бран во повеќето земји, неопходно е да се продолжи со строги мерки на ограничување и максимално да се поддржи здравството. Паралелно со тоа, економскиот сектор треба да биде поддржан и со дополнителни фискални и финансиски мерки, посочува потпретседателот на ЕИБ, Мекдауел
Висината на финансиската поддршка што Европската инвестициска банка (ЕИБ) ја обезбедува за Македонија и за земјите од Западен Балкан, мерките што можат да придонесат кон надминување на оваа непредвидлива ситуација, како и неопходноста за поддршка на малите и на средните претпријатија се дел од темите за кои разговаравме со потпретседателот на банката Ендру Мекдауел.
Каква поддршка обезбеди ЕИБ во врска со кризата предизвикана од ковид-19?
– Најпрво би сакал да ви се заблагодарам за можноста да говорам во вашиот реномиран весник. ЕИБ, заедно со институциите на Европската Унија (ЕУ), веднаш ги мобилизира финансиските и техничките ресурси за поддршка на земјите од Западен Балкан за да се ублажат негативните ефекти од пандемијата. За само неколку месеци, ЕИБ додели 1,7 милијарда евра само за Западен Балкан, како дел од пакетот од 3,3 милијарди евра усвоен од Европската комисија. Целта беше да се спречи економски пад, со итно обезбедување ликвидност на малите и на средните претпријатија, како и поддршка на здравствениот систем за решавање на најитните потреби.
Обезбедувајќи брзо, достапно и долгорочно финансирање на малите и средните претпријатија, ЕИБ помага во одржување на работните места и ликвидноста, што е неопходно во овој момент. Во рамките на вонредните мерки на ЕИБ за Западен Балкан, поврзани со ковид-19, ќе се прошират условите за квалификување и флексибилноста за проекти од областа на здравството и цивилната заштита, со што ќе се зголеми подготвеноста за идни вонредни состојби и пандемии. Ќе се применуваат флексибилни услови за ново наменско финансирање во здравствениот сектор и секторот на мали и средни претпријатија, кои се сериозно погодени од пандемијата.
Ќе биде овозможена и пренамена и забрзано исплаќање на постојните аранжмани, за навремено распределување на средствата каде што се најпотребни. Банкарскиот сектор и локалните заедници ќе можат да имаат корист од нашата финансиска и техничка поддршка за ублажување на последиците поврзани со ковид-19.
Дали досега донесените мерки се доволни за опстанок на економијата во овој неизвесен период?
– Веќе неколку месеци се соочуваме со голема криза и постои забележливо забавување на глобалната економија, а Европа и Западен Балкан не се исклучоци, со најголема штета по индексот на производството, даночните приходи, извозот и вработеноста. Се разбира, економиите од Западен Балкан се покревки и затоа треба да посветиме особено внимание на нивна поддршка.
Опстанокот на економијата во голема мера ќе зависи од можноста на здравствениот систем да издржи криза, истовремено одржувајќи континуитет во деловното работење. Како што се шири пандемијата, евидентно е дека е потребна долгорочна стратегија за создавање поцврст здравствен систем и економија. Освен итниот финансиски пакет од 1,7 милијарда евра, ЕИБ создаде мрежа проекти, кои се проценуваат на околу 2,3 милијарди евра за зајакнување на здравствената инфраструктура и за малите и за средните претпријатија на подолг рок. Целта е да се реформира јавниот здравствен сектор преку изградба на модерна болничка инфраструктура со подобрена здравствена заштита достапна за сите. Со градење модерна основна инфраструктура и посилна економија се зголемува подготвеноста на земјата за идни вонредни состојби.
За остварување на овие цели, ЕИБ ќе ја стави својата финансиска, како и техничка поддршка и експертиза на располагање на Северна Македонија за развивање солидна стратегија за инвестиции и развој. Ова е дел од нашата долгорочна поддршка и посветеност да го поддржиме Западен Балкан, не само за ублажување на негативните ефекти од ковид-19 туку и за градење поцврст здравствен и приватен сектор. Зајакнатиот капацитет на тие сектори за ублажување и справување со кризни ситуации, создава средина за социоекономски раст, отворање работни места и одржливост. Во периодот од 2008 до 2019 година, групацијата ЕИБ инвестира повеќе од 8 милијарди евра во регионалните економии во сите сектори, што нè прави најголем меѓународен кредитор на Западен Балкан.
Малите и средните претпријатија во Македонија се поддржани со средства од ЕИБ. Каква друга поддршка е планирана и одобрена за Македонија?
– Како дел од брзата поддршка на ЕИБ со намера малите и средните претпријатија и претпријатијата со средна капитализација да се справат со економскиот пад, банката ќе обезбеди 50 милиони евра за македонските компании за решавање на проблемите со ликвидноста и работните места. Овие средства ќе бидат достапни преку кредитни линии исплатени од Банката за развој на Северна Македонија, која дејствува како посредник помеѓу ЕИБ и крајните корисници на пазарот. Се надеваме дека со ова финансирање ќе ги поддржиме секторите што се најтешко погодени од ковид-19, како што се давателите на сместувачки, туристички и угостителски услуги, како и производството, градежништвото, трговијата, здравствените и социјални работи, транспортот и забавата. Во врска со други проекти планирани за Северна Македонија, се разгледуваат инвестиции во здравството и истите тие ќе бидат детално формулирани со целосна поддршка на ЕУ. Покрај конкретна инфраструктура, наша крајна цел е да ја поддржиме здравствената реформа што ќе овозможи пристап до висококвалитетна примарна, секундарна и терцијарна здравствена заштита за сите граѓани еднакво, низ целата земја. Веројатно најголемиот енергетски проект што треба да почне во 2021 година е изградбата на гасно поврзување меѓу Грција и Северна Македонија. Оваа инвестиција има голем број придобивки на подолг рок, преку обезбедување безбедна, ефикасна и сигурна мрежа за снабдување на земјата со енергија, благодарение на диверзификацијата на снабдувањето со гас.
Друг проект што е во фаза на процена, е изградба на железница по должината на Коридорот 8 што ја поврзува Северна Македонија со Бугарија, овозможувајќи побезбеден и поефикасен транспорт. Банката, исто така, се фокусира на неопходната водоводна инфраструктура на национално ниво. Ова значи дека, покрај нашата помош за успешната набавка на Пречистителна станица за отпадни води (ПСОВ) за Град Скопје, за што веќе го потпишавме финансирањето и доделивме грантови, продолжуваме да работиме со Владата и општините низ земјата за да обезбедиме водоснабдувањето и канализацијата да бидат доведени на ниво на стандардите на ЕУ во наредните години.
Колку проекти и средства се обезбедени за Македонија, а колку за целиот регион?
– Распределбата на 1,7 милијарда евра од финансискиот пакет за Западен Балкан во голема мера ќе зависи од специфичните потреби на секоја земја. Тие средства се наменети за решавање на најитните дефицити, додека мрежата нови проекти за Северна Македонија ги вклучува инвестициите опишани погоре, имено, во здравството, енергетиката и комуналната инфраструктура, вклучувајќи и поддршка за малите и средните претпријатија.
Во периодот меѓу 2009-2019 година обезбедивме 423 милиони евра за македонските мали и средни претпријатија и претпријатијата со средна капитализација, oдржувајќи околу 67.330 работни места. Во истиот период, ЕИБ додели над 100 милиони евра за изградба на современа транспортна мрежа во Северна Македонија, придонесувајќи за безбедност на патиштата, намалување на времето за патување и намалување на зачестеноста на сообраќајните незгоди.
Во инфраструктурата за водовод и отпадни води, ЕИБ досега има инвестирано 128 милиони евра. Ќе продолжиме да инвестираме во овој сектор, бидејќи подобрената комунална мрежа го подобрува јавното здравје, помага во заштита на животната средина и придонесува за зацврстување на подготвеноста на земјата за вонредни состојби и природни непогоди, меѓу другите придобивки.
За крај, какви се процените на ЕИБ за земјите од регионот за борбата против оваа криза и кои чекори треба да ги преземат владите на овие земји за да ги спасат своите економии и работни места?
– Бидејќи пандемијата влегува во својот втор бран во повеќето земји, неопходно е да се продолжи со строги мерки на ограничување и максимално да се поддржи здравството. Паралелно со тоа, економскиот сектор треба да биде поддржан и со дополнителни фискални и финансиски мерки. На подолг рок, неопходно е да се продолжи со поттикнување странски инвестиции, создавање работни места, интеграција на Северна Македонија во регионот и во ЕУ за развивање иновативна, дигитализирана, цврста и одржлива економија. ЕИБ и ЕУ веќе изразија посветеност да ѝ помогнат на земјата да закрепне од кризата и да продолжи со социоекономскиот развој, на пат кон полноправно членство во ЕУ. Создавањето цврста економија и здравствен систем е дел од таа поддршка, која е од најголема важност. Сите институции сега треба да ја одиграат својата улога за да обезбедат опипливи придобивки што им се многу потребни на граѓаните.
Бледнеат процените дека БДП ќе почне да расте во 2021 година
Како се справуваат со кризата земјите од Западен Балкан?
– Позитивните економски показатели од почетокот на 2020 година сериозно се влошија за време на оваа непредвидлива пандемија. Иако се чинеше дека некои земји успеаја да го ублажат тоа и да почнат со закрепнување, новиот бран наметнува нови предизвици за речиси исцрпените национални буџети.
Процените дека БДП ќе почне да расте во 2021 година почнуваат да бледнеат затоа што се чини дека пандемијата ќе продолжи да има свои нови врвови и фази на слаб интензитет и не може да се предвиди кога ќе биде целосно надмината и завршена. Уште од почетокот на кризата почнавме комуникација со нашите партнери во регионот, за да се процени обемот на потребна итна финансиска помош. Со ширењето на пандемијата, ЕИБ ја зголеми поддршката во смисла на финансиска и техничка помош, како од наши сопствени ресурси, така и преку грантовите на ЕУ.