Полската влада неделава ја покажа својата економска моќ откако оствари репатријација на 100 тони злато, а во Унгарија, премиерот Виктор Орбан ги трупа златните резерви за да ја зголеми нивната сигурност, со што може да се забележи дека златото деновиве е главна тема за националистичките лидери од Источна Европа, објавува „Блумберг“.
Златната треска ги пресликува чекорите на Русија и на Кина за диверзификација на резервите, наспроти геополитичките тензии со САД. Но мотивите на поранешниот комунистички блок би можеле да загрижуваат, се наведува во анализата.
Таков е примерот и со поранешниот словачки премиер Роберт Фико, кој има прилика да се врати на власт. Тој бара од парламентот да ја принуди централната банка да врати дома дел од златото чувано во Обединетото Кралство.
Причина за ваквата намера претставува ставот на Фико кој смета дека меѓународните парнери понекогаш можат и да изневерат. Тој го образложува неговото убедување посочувајќи го пактот помеѓу Франција, Велика Британија, Италија и Германија од 1938 година, што му овозможи на Адолф Хитлер да ја анектира тогашната Чехословачка. А го истакнува и примерот од денешно време, кога Банката на Англија одби да ги врати венецуелските резерви на злато, поради политички причини.
– Тешко можете да им верувате и на најблиските сојузници по договорот од Минхен. Ви гарантирам дека ако нешто се случи, нема да видиме ниту грам од ова злато. Затоа да го сториме тоа што е можно побргу – изјави Фико.
Неговите коментира доаѓаат и покрај тоа што Велика Британија е една од најблиските сојузнички на Словачка по падот на Советскиот Сојуз. Фико посочи и дека брегзит и ризикот од глобалната економска криза го ставаат словачкото злато чувано во Обединетото Кралство, во опасна ситуација.
Златото кое Полска го врати исто така стигна од Обединетото Кралство и покрај тоа што немаше сомнеж во британската доверливост од страна на гувернерот на централната банка на Полска, Адам Глапински.
Тој всушност сакаше да ја демонстрира силата на економијата од 586 милиони долари на неговата земја – која е најсилна на Истокот на Европа. Полска ги удвостручи златните резерви во изминатите две години и сега ги има најголемите залихи во регионот. А Унгарија исто така е активен купувач, зголемувајќи ги десеткратно златните резерви годинава.
Српскиот лидер Александар Вучиќ го забележа примерот од регионот, наредувајќи и на централната банка да ги зголеми резервите и да купи девет тони октомври. Вучиќ минатата недела истакна дека би требало да се купи повеќе злато бидејќи „ја гледаме насоката во која светската криза се движи“.
Романија исто така има намера да премести дел од златните резерви од Обединетото Кралство, но тие планови беа ставени во застој поради неодамнешната промена на владата што се залагаше за нив.
Се смета дека источноевропските лидери испраќаат и порака до гласачите со зголемување на златните резерви.
– Златото е симбол. Кога државите го купуваат, народот тоа го гледа како знак на економски суверенитет – заклучува Вук Вуковиќ, економскиот експерт од Загреб.