Рестриктивните мерки насочени кон сузбивање на пандемијата воспоставени од минатата година, од кои некои се применуваат и оваа година, како одговор на ширењето на вирусот, принудија одредени деловни субјекти да ги запрат своите активности, што резултира и со силен удар врз побарувачката на комерцијални недвижности
Пандемијата ги промени и вообичаените практики за користење на деловни просторите што резултира со намалување на интересот за нивно користење. Податоците од регистарот на цени и закупнини, кој го изработува Агенцијата за катастар, покажуваат дека поради пандемијата се намалил интересот за изнајмување деловни простори, станови и земјоделско земјиште…
– Доколку се направи компарација на вториот квартал со првиот квартал од 2020 година каде што биле регистрирани 2.223 закупи, ќе се забележи дека во вториот квартал имаме намалување на бројот на закупи за 1.347 трансакции. Најголем број закупи во вториот квартал се регистрирани во јуни, односно 418, најмал во април 196, а во мај се регистрирани 262 закупи – се наведува во регистарот за второто тримесечје.
Податоците покажуваат и дека во второто тримесечје од 2020 година во регистарот на закупнини биле запишани 876 закупи. За споредба, во второто тримесечје од 2019 година во регистарот биле запишани 1.446 закупи.
Намалувањето на интересот за закуп на деловен простор, според агенциите за недвижности, е тенденција присутна уште пред пандемијата, но како што истакнуваат тие, ковид-кризата драстично ги намалила и променила барањата за закуп.
– Дефинитивно, пандемијата влијаеше на динамиката и обемот на побарувањата за деловен простор со што е забележан и пад на истите тие. Иако за волја на вистината и претходните неколку години е забележано намалување на побарувањата за деловен простор, сепак пандемијата даде дополнителен стимул, но и ја промени перцепцијата кај компаниите во однос на потребите за деловниот простор и на начинот на кој истиот тој ќе биде користен – вели Игор Панчевски од агенција за недвижности „Левел 7“.
Наедно, Панчевски објаснува дека поради пандемијата е променета перцепцијата кај компаниите за користење на деловниот простор и истакнува дека сега корисниците се многу попребирливи при изборот на нови простории.
– Свесни сме дека можеби ништо повеќе нема да биде исто како и пред појавата на пандемијата што дополнително влијае во начинот на употребата на деловниот простор без разлика дали станува збор за канцелариски простор или простор за малопродажба. Според тековните побарувања, забележуваме поголема селективност при изборот на деловен простор од страна на клиентите – објаснува Панчевски.
Инаку, во земјава во последниве години во главниот град беа изградени повеќе затворени деловни објекти наменети пред сѐ за малопродажба, а тенденцијата и понатаму е присутна. Во тек е изградба на нови затворени трговски центри во Скопје, а познавачите очекуваат дека интересот за изнајмување деловен простор во вакви објекти ќе биде голем во следните години.
– Дефинитивно ќе продолжи тенденцијата на зголемено побарување на деловен простор поставен во затворените трговски центри и во следниве неколку години. Концентрацијата на голем број домашни, но и потрошувачи од соседните земји на едно место каде што се нудат различни содржини и активности ги зголемува атрактивноста и побарувачката на деловен простор во трговските центри од затворен тип особено од страна на глобалните, но и локалните брендови, кои своето позиционирање на пазарот го гледаат исклучиво со присуство во некој од трговските центри од ваков тип – прогнозира Панчевски.
Во меѓувреме, и на глобалното ниво, рестриктивните мерки насочени кон сузбивање на пандемијата воспоставени од минатата година, од кои некои се применуваат и оваа година, како одговор на ширењето на вирусот, принудија одредени деловни субјекти да ги запрат своите активности, што резултира и со силен удар врз побарувачката на комерцијални недвижности, особено во малопродажбата, канцелариските објекти, но и хотелските соби. Ова го посочуваат Андреа Деги и Фабио Наталучи од Меѓународниот монетарен фонд во нивната анализа за состојбите со комерцијалните недвижности.
– Празни згради, намалено работно време на продавниците, ниски цени за хотелски соби… се само мал дел од ефектите од ограничувањата воспоставени минатата година.
Пандемијата ги замагли изгледите за изнајмување и користење комерцијални недвижности, што го забрза и падот на побарувачката на традиционалната малопродажба на тули и малтер. Е-трговијата е во подем, но и работењето од дома или од далечина. Новите трендови може да го нарушат пазарот на комерцијални недвижности – истакнуваат Деги и Наталучи во својата анализа.
Тие исто така објаснуваат дека ваквите тенденции може да создадат притисок што ќе води кон опаѓање на цените за изнајмување на комерцијалните недвижности, што, пак дополнително негативно може да се одрази и врз финансискиот сектор, поради заемите што се користат за изнајмување.