Олабавувањето на монетарната политика овозможи пад на цените на кредитите и кредитен раст во текот на пандемијата, а првите луѓе на Народната банка посочуваат дека мерките за поддршка на кредитирањето придонесуваат за закрепнување на економијата
Олабавената монетарна политика доведе до намалување на каматните стапки на кредитите, а заедно со нив се намалуваат и каматите на депозитите. Банкарите укажуваат дека слични каматни стапки очекуваат и во следниот период, што, секако, е резултат на политиките на Народната банка, но и на потребите на пазарот. Тие додаваат дека во подалечна иднина може да се очекува и раст на каматите на кредитите, секако, во зависност од случувањата во економијата.
Од НБРСМ и понатаму најавуваат спроведување олабавена монетарна политика, која, според гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, придонесува за закрепнување на економијата од пандемијата. Гувернерката посочи дека во однос на монетарната политика во услови на пандемија, од особено значење за нејзиното олабавување е комфорното ниво на девизните резерви, а во тој контекст и пристапот до девизна ликвидност овозможен за првпат преку реполинијата одобрена од страна на Европската централна банка.
– Иако Народната банка немаше потреба од користење на средствата, сепак подготвеноста на Европската централна банка значително придонесе за одржување на стабилноста на домашната валута при променливи пазарни движења во текот на здравствената криза – појасни Ангеловска-Бежоска.
Таа дополни дека мерките на Народната банка овозможија намалување на цените на кредитите и постојан кредитен раст во текот на пандемијата, додавајќи дека банкарскиот сектор добро се справува со ризиците од пандемијата, за што показател се растот на депозитите и солидниот кредитен раст.
Претставниците на комерцијалните банки во земјава потенцираат дека кога станува збор за каматите на кредитите и депозитите, ги следат сигналите од Народната банка, но напоменуваат дека тие зависат и од пазарните услови.
– Движењето на каматните стапки, односно трендот на нивно намалување во банкарскиот сектор и во Комерцијална банка е усогласен со олабавената монетарна политика. Во наредниот период, на краток рок очекуваме да продолжи трендот на намалување на каматните стапки на дел од денарските кредити што се поврзани со референтната стапка (каматна стапка на денарски депозити без валутна клаузула). Сепак, на долг рок очекуваме пораст на општото ниво на каматите на кредитите, имајќи го предвид присутниот растечки тренд на инфлацијата и другите макроекономски показатели. Секако, каматната политика на банката, освен од макроекономските, зависи и од пазарните услови во државата и сигналите на монетарната власт, односно од НБРСМ – објаснуваат од Комерцијална банка.
Од оваа банка додаваат дека како резултат на состојбите поврзани со пандемијата, кои на глобално ниво предизвикаа одредени застои во производството и прекини во синџирите на снабдување со примарни производи, најновите показатели за движењето на стапката на трошоци на живот, односно инфлацијата, покажуваат дека таа бележи нагорен тренд.
– Според одредени предвидувања, се проценува дека инфлацијата ќе се врати на очекуваното ниво од околу 2 отсто годишно, поради што не очекуваме дека движењето на инфлацијата ќе има влијание врз каматните стапки, односно нема да доведе до нивно брзо зголемување. За промена или раст на нивото на камати, секако, ќе се следат и одлуките на Народната банка за евентуални нагорни корекции на основната каматна стапка – дополнуваат од банката.
Последните податоци на Народната банка покажуваат намалување на просечните каматни стапки и кај кредитите и кај депозитите.
– Просечната каматна стапка на вкупните кредити во август 2021 година е 4,49 проценти и оствари месечен и годишен пад од 0,01 и 0,24 процентни поени. Просечната каматна стапка на вкупните депозити се намали на месечно и годишно ниво за 0,04 п.п. и 0,20 п.п., соодветно, и изнесува 0,79 отсто – наведуваат од Народната банка.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, пак, во неколку наврати посочи дека мерките на Народната банка овозможија намалување на цените на кредитите и постојан кредитен раст во текот на пандемијата. Таа дополни дека токму олабавената монетарна политика придонесува за закрепнување на економијата.
Токму поддршката од банките за стопанството е особено значајна во кризен период, а од самиот почеток на кризата, банките им излегоа во пресрет на компаниите и домаќинствата преку одложување на отплатата на кредитите.
– Во изминатиов период банката презеде активности за олеснување на плаќањата на клиентите што беа најмногу погодени од ковид-кризата и тие беа неопходни за опстанување и егзистирање на компаниите за време на кризата. Овие компании сѐ уште се под зголемено внимание на банката и се настојува да се најде заеднички прифатливо решение со секој клиент поединечно за да се надминат последиците од кризата, кои сѐ уште постојат. Банката кредитно ги поддржува бонитетните компании и издржаните профитабилни проекти во разни сектори и дејности, но во последно време доминираат проектите во енергетскиот сектор, особено за обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, екологија и услуги. Банката ќе продолжи со следење и анализа на трендовите кај одделни економски сектори и дејности во земјата и на странските пазари за адекватна диверзификација на кредитите по стопански дејности – посочуваат од Комерцијална банка.
Од оваа банка додаваат дека кредитирањето има витално значење во растот и развојот на компаниите, а само забрзан раст и развој може да доведат до надминување на негативните ефекти од постојниот кризен период.
– Каматната стапка при финансирањето е еден од условите за успешна реализација на инвестицијата, но во моментов стапките во земјата се на историски најниско ниво и сметаме дека не претставуваат одлучувачки фактор за успехот на еден проект. Сепак, каматната стапка треба да се гледа заедно со другите фактори, како што се развиени пазари за продажба и набавки, соодветна пресметка на трошоците на проектот и цената на чинење на производите. Оттука, цениме дека висината на каматната стапка не е пресудна за опстанок на фирмите погодени од кризата, туку успешна реорганизација и преструктурирање на работењето на компаниите и негово приспособување на домашниот и на светските пазари. Кај населението, обемот на кредитирање што го вршат банките не зависи само од висината на каматните стапки, бидејќи банките во своето работење се обврзани на одговорно кредитирање и на детална анализа на кредитната способност на кредитобарателите и капацитетот за отплата на обврските – објаснуваат од Комерцијална банка и додаваат дека освен одговорно однесување кон кредитокорисниците, банките се обврзани и на одговорно однесување кон депонентите, што придонесува кон потреба од внимателно кредитирање, особено во услови на криза. Оттаму потенцираат дека кредитите се секогаш достапни за клиенти што имаат финансиски капацитет за сервисирање на своите обврски во роковите на достасување.