Една година по потпишувањето на меморандумот за соработка со „Мастеркард“, денеска се одржа работна средба на којашто беше презентирано решението за дигитална идентификација на граѓаните на Република Северна Македонија што ќе овозможи секој процес или постапка што бара потпис и лично присуство да се направи од дома, од работа или каде било преку мобилни телефони.
Премиерот Зоран Заев истакна дека со помош на дигиталната идентификација граѓаните стануваат дел од современите дигитални комуникациски процеси на Европа и на светот.
Ова е прва услуга за електронска идентификација на граѓаните и ќе биде достапна на крајот на април. Ова значи дека за услугите за кои до сега граѓаните мораа со физичко присуство да го потврдат својот идентитет тоа ќе можат да го прават од својот компјутер, лаптоп или мобилен телефон.
– Со оваа можност, правиме голем и важен чекор во дигитализацијата на нашиот сопствен идентитет што е предуслов за многу безбедни мрежни услуги во земјата и во светот. Имено, документите што ќе бидат потпишани преку оваа апликација ќе бидат признати не само во нашата земја, но во сите земји во Европа и каде и да се продава услугата електронска лична карта на ‘Мастеркард’. Решението развиено од ‘Мастеркард’ може да го користат институциите, но и деловните субјекти кои сакаат да ги користат придобивките од технологијата, да воведат дигитализација на нивните процеси и да ги заменат хартијата и пенкалото со електронски документи, електронски потпис и одобрување преку паметни телефони. Дигиталната идентификација ќе овозможи секој процес или постапка што бара потпис и лично присуство да се направи од дома, од работа или каде било преку мобилни телефони – рече премиерот Заев.
Тој кажа дека мобилната апликација на којашто изминатата година работат „Мастеркард“ со поддршка на нашите институции, ќе го промени начинот на работа на институциите, но уште поважно ќе го поедностави секојдневниот живот на граѓаните.
– Овој месец означуваме една година од потпишувањето на меморандумот за воспоставување услуга за дигитална идентификација за граѓаните на Северна Македонија. Можеме да имплементираме најсовремени системи за е-услуги, да инвестираме во опрема и софтвер, но без средства за електронска идентификација, граѓаните ги праќаме на шалтерите како пред десетици години. Живееме во време кога технологијата го променува нашиот живот на подобро и треба сите да придонесеме за тоа. Со воспоставување на услугата за дигитална идентификација граѓаните од нивните домови ќе аплицираат за услугите во државата и услугите од компаниите во приватниот сектор – истакна министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.
Посочи дека, користејќи ја услугата за електронска идентификација, јавните институции и компаниите во приватниот сектор со сигурност ќе го знаат идентитетот на лицето кое ја побарало услугата и дека истото лице го потврдува спроведувањето на таа услуга, без можност за каква било измама.