Барањето за продолжување на работното време за текстилните работници за половина час, колку што им трае паузата за да можат да работат вкупно осум работни часа, од страна на сопствениците на текстилните фабрики, предизвика голем број негативни реакции во јавноста.
Меѓу првите се огласија од „Хелсиншкиот комитет“, од каде што истакнуваат дека продолжување на работното време, укинување празници за да нема дисконтинуитет во производството, замрзнување на придонесите, повторно отворање на темата за нормиран ефект, дури и небулозни закани за штрајк на работодавци, се крајно недозволиви изјави и барања на сопствениците на фабрики, членови на текстилниот кластер.
– Сметаме дека со самото искажување на ваквите ставови директно се удира на работничките права и на достоинството на текстилните работнички и работници, една од најзагрозените и најмалку платени групи во општеството. Со ова, самите работодавци практично го признаваат досегашниот арогантен однос кон работниците и начинот на кој секојдневно ги третираат вработените во своите погони – велат од „Хелсиншкиот комитет“.
Оттаму истакнуваат дека до нив во 2019 г., се обратиле 1.497 текстилни работнички од 60 конфекции од 12 различни града. Дадени се 906 правни советувања и иницирани се 20 постапки за инспекциски надзор. Сепак, Државниот инспекторат за труд само во еден случај има утврдено неплатена работа на празник, а ниту еднаш нема утврдено неплатена прекувремена работа и/или прекувремена работа над законскиот минимум.
– Уставно загарантираните права на работникот не смеат да бидат жртвувани во име на профитот на газдите. Очекуваме дека државата соодветно ќе одговори на ваквите барања и дека ќе ги заштити работниците од бескрупулозниот однос кон нив. Притоа, важно е да се спомне дека работодавците во текстилната индустрија се дополнително привилегирани со субвенции од државата за исплата на минимална плата и дека уживаат други поволности во однос на извозот. Во таква ситуација, државата не смее да дозволи газдите да ги третираат работниците како да се робови – наведуваат од „Хелсиншкиот комитет“ за човекови права.
Иронична изјава и реакција на социјалните медиуми на барањето на текстилниот кластер има и од професорот и активист Бранимир Јовановиќ.
– Јас мислам малку е осум и пол саати, 12 треба да бараат. И да се работи седум дена во неделата. И да се забрани одење во тоалет за време на работа. И излегување надвор од халата. И зборување да се забрани. И јадење и пиење. И окови да им се стават на работничките. И на секои десет работнички, по еден камшикар. Зашто стварно не иде газдите да возат џипови од по 100.000 евра. Треба веќе и приватни авиони да почнат да купуваат – пишува иронично Јовановиќ.
И за претставниците на Левица заканите на газдите за привремено затвoрање на фабриките, претставуваат „најгнасна уцена, чија превисока сметка ќе ја платат текстилните работници и нивните семејства“.
– Македонските газди неспремни и малку да го поделат колачот од енормните профити што ги остваруваат, немаат проблем текстилните работници, кои се едни од најслабо платените и најзагрозени категории во земјата, привремено да ги исфрлат на улица! Дури и платената пауза за храна, една од ретките работнички мерки во земјата, не сакаат да ја плаќаат. Малку се профитите што ги остваруваат преку експлоатацијата што се случува во фабриките, туку сега бараат и субвенции од државни пари, кои ќе паднат на грбот на сите граѓани! Значи, работниците на два начина ќе ги спонзорираат своите газди, еднаш преку експлоатацијата со прениските плати, а другпат преку ваквите економски политики како субвенции за приватните фирми. Нема крокодилски солзи за изгубените профити на газдите и нема спонзорирање на нивните џипови и приватни авиони од џебовите на обичниот граѓанин – стои во соопштението.
Левица повикува за најстроги казни за секој газда што ќе се охрабри бесправно да ги остави работниците на улица без корка леб. Истовремено, им се става на располагање на работниците за помош за евентуални тужби на газдите и за организирање протести и штрајкови.