Деновиве беа објавени јавните огласи за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинства, за кој се обезбедени 5 милиони денари и за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2019 година, за кој обезбедивме 25 милиони денари, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција.
„Согласно повиците, на купувачите на сончеви термални колекторски системи (колектори, резервоар за топла вода и потребна инсталација), кои ќе ги купат и вградат во своите домови по денот на објавувањето на овој оглас заклучно со 30 јуни годинава, ќе им биде обезбеден поврат на дел од средствата до 30 отсто, но не повеќе од 15.000 денари. За купувачите на ПВЦ или алуминиумски прозорци со потребната инсталација, кои ќе ги купат и вградат во своите домови по денот на објавувањето на огласот, заклучно со 30 јуни, ќе се реализира поврат на дел од средствата до 50 отсто, но не повеќе од 25.000 денари, сѐ до искористување на предвидените средства за оваа намена“, објасни министерот.
Бектеши посочи дека единствениот услов за аплицирање е купувачот да го нема искористено правото на поврат на дел од средствата за конкретните намени врз основа на јавните огласи на Министерството за економија во претходните години.
„Само за илустрација, заклучно со 2018 година на 6.538 домаќинства им се обезбеди поврат на дел од средствата кои ги потрошиле за купени и вградени сончеви колектори, а исплатени се приближно 96 милиони денари, додека во претходниве две години, откако стартуваше мерката за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци субвенциниониравме 2.350 домаќинства и исплатени се приближно 66.000.000 денари од Буџетот на Република Македонија“, кажа министерот нагласувајќи дека јавниот оглас за печки на пелети во домаќинствата за 2019 година ќе биде објавен во третиот квартал од 2019 година.
„Вкупниот буџет за реализација на оваа мерка изнесува 20.000.000 денари“, најави Бектеши.