Владата, во соработка со јавното претпријатие за државни патишта, ќе го реализира проектот за рехабилитација и проширување на патната делница Крива Паланка – Деве Баир.
– Со оваа инвестиција се планира рехабилитација и проширување на патната делница со две коловозни ленти во колосек со три ленти, рехабилитација на еден коловоз со две ленти и рехабилитација на еден коловоз со три коловозни ленти, со вкупна должина од 13 километри. Патната делница Крива Паланка – Деве Баир е дел од источниот паневропски патен коридор VIII, па со тоа придобивките од реализацијата на проектот би биле не само од национален туку и од регионален интерес – истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.
Во собраниска процедура влезе предлог-законот за гаранција на РМ на обврските по договорот за заем за финансирање на оваа патна делница. Договорот за заем ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и ЈП за државни патишта. За реализација на овој проект преку ЕБОР се обезбедуваат 10 милиони евра. Дополнително се очекува во декември 2018 година да биде официјално одобрен и инвестициски грант во износ од 2,62 милиони евра од инструментот инвестициска рамка за Западен Балкан. Е.Р.