Конечно, после речиси 30 години, железничката пруга за поврзување на Северна Македонија и Бугарија станува реалност. Очекувам за 3-4 месеци овде, веќе да се гради. За важноста на овој проект за нашата земја, за граѓаните, за стопанството, за бизнисот е зборувано многупати. Тој е дел од Коридорот 8 и железничкото поврзување на нашите две земји е взаемен влог во европската агенда за поврзување на целиот регион, рече генералниот директор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија“, Хари Локвенец на денешната средба во Скопје со бугарскиот колега Красимир Папукчиски, генерален директор на Националната компанија за Железна и патна инфраструктура (ДК НКЖИ) на Република Бугарија.
Папукчиски искажа благодарност за брзата реакција и изразената подготвеност за продолжување на редовни работни состаноци за изградба на железничката линија Софија-Скопје.
– Овој проект ќе обезбеди оперативна компатибилност на инфраструктурата, опремата, системите за управување, експлоатација и безбедност, како и поврзување со европските железнички мрежи преку примена на унифицирани стандарди и во согласност со барањата на Трансевропската транспортна мрежа. Во моментов, железничката линија Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево има вкупна должина од 139 километри. Брзината во делот варира од 70 до 100 километри на час, со одредени ограничувања од 40 до 75 километри на час. По спроведувањето на проектот очекуваме брзината да достигне 130/160 километри на час. Да си посакаме плодна работа и да се потсетиме дека при изградбата на железничките пруги нашите предци знаеја дека градат историја – рече Папукчиски.
Локвенец и Папукчиски искажаа силни заложби за вложување на професионалните компетенции, желба и одговорност за реализација на железничката линија којашто ја преминува границата меѓу Бугарија и Северна Македонија – тунелот Деве Баир.