Иако, во принцип, сите се согласни дека од економски, безбедносни, еколошки и други причини, секогаш е подобро да се користат потенцијалите на некоја од нуклеарните централи од соседните земји, отколку тие да се градат на сопствената територија, за дел од експертите и инвестирањето во нуклеарни централи во соседството, како во случајот со бугарската „Белене“, носи одредени ризици
Во време кога светот ги затвора термоцентралите на јаглен, развиените земји се откажуваат од нуклеарните централи, во Македонија повторно се актуализира идејата за удел во нуклеарката „Белене“ во Бугарија, чија изградба ја најавија бугарските власти. Имено, бугарскиот вицепремиер Томислав Дончев неодамна за бугарскиот весник „Труд“ изјави дека Македонија и Србија сакаат удел во идната нуклеарна централа „Белене“, а рускиот премиер Дмитри Медведев рече дека и Русија би сакала да учествува во изградбата на оваа нуклеарна централа. Покрај Русија, заинтересираност за вклучување во изградбата најавија и кинески, француски и корејски компании.
Инаку, идејата Македонија со свој удел да учествува во изградбата на нуклеарката „Белене“ во Бугарија, проект околу чија оправданост е поделена и бугарската јавност, неодамна беше повторно актуализирана и од страна на вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев.
– Во енергетиката не може да има прогрес без да се има долгорочна стратегија. Ние во моментов ја немаме, ама се изработува. Увозно сме зависни енергетски, а дома произведуваме само електрична енергија. Немаме нафта, гас, а немаме ни јаглен во бесконечни количества. ЕЛЕМ на времето произведувал седум терават-часа електрична енергија, сега произведува 4,2 терават-часа на годишно ниво. За Македонија најлогично беше да се поврзе со Бугарија. Откако ќе направиме каплинг, Македонија ќе има поевтина енергија и тоа ќе биде добро за сите компании. Би било паметно и да си закупиме ресурс. Тука како опција ја гледам нуклеарната централа „Белене“. Ако најдеме сила, можеме да станеме и сопственици на тој дел. Со каплингот, тоа нема да биде ни проблем – рече Анѓушев.
Иако, во принцип, сите се согласни дека од економски, безбедносни, еколошки и други причини секогаш е подобро да се користат потенцијалите на еден таков капацитет во некоја од соседните земји, отколку тој да се гради на сопствена територија, за дел од експертите и инвестирањето во нуклеарни централи во соседството носи одредени ризици.
– Секако, зависи од условите што ќе ни бидат понудени. Меѓутоа, треба да бидеме свесни дека ние не располагаме со капитал за вложување во големи инвестициски проекти ниту во сопствената држава (како на пример ХЕ „Чебрен“). И за проектите во Македонија ние бараме странски инвеститори. Наедно е јасно дека нашиот удел во инвестицијата во НЕ „Белене“ би бил симболичен, што не ни овозможува никаква контрола врз финансиските текови во електроцентралата – смета академик Глигор Каневче, кој е дел од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ.
Според него, во стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија до 2040 година, која е во завршна фаза на изработка, не се предвидува изградба на нуклеарна централа во Македонија.
– Сегашните нуклеарни централи се прескапи и со премногу голем капацитет за мали економии каква што е нашата – додава Каневче.
Тој понатаму истакнува дека недостигот од производство на електрична енергија ќе се дополнува со изградба на хидроцентрали и други обновливи извори на енергија (мали хидроцентрали, ветерни централи и фотонапонски системи) и со изградба на централи на природен гас.
Што се однесува до можноста за изградба на нуклеарна централа во земјава, за потсетување е дека во минатото постоеше идеја таа да се гради во Мариово. Замислата никогаш не заживеа посериозно.
– Како локација, од претходни истражувачки студии, дефинирано е платото на Мариово како оптимално, затоа што е оддалечено од градовите. Со очекуваната изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“, би се создала доволна водна акумулација за потребите за снабдување со вода за ладење на постројката. Од друга страна, треба патишта за да патуваат вработените до постројката или во непосредна близина да се изгради нова населба. Локацијата е безбедна (колку може да се прифати тоа) во однос на линијата на раседот и потенцијалната опасност од земјотреси – објасни Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ).
Сепак, според него, земјава ниту има пари, ниту обучен кадар, ниту гориво, ниту, пак, простор каде што би се складирал нуклеарниот отпад. Но и при инвестирање во нуклеарки во соседните земји, според Димитров, постојат извесни ризици.
– Постои можност, при определени меѓудржавни недоразбирања, да се случи „дефект“ на преносната линија и да останете без енергија. Алтернатива е да се вложат тие пари во сопствени извори, како хидроенергија, сончеви или ветерни централи, напредно користење на биомаса и слично – нагласува Димитров.
Како што е познато, вакви инциденти се случуваа за време на руско-украинскиот конфликт, кога поради тензии меѓу двете земји беше загрозен транзитот на гас преку украинска територија кон поголем број европски земји. Од тие причини, Русија започна со изградба на неколку нови гасоводи, за да ја избегне Украина.
И Албанија, на пример, пред десетина години сакаше да гради заедничка нуклеарна централа со Италија, подоцна и со Хрватска, но оваа замисла никогаш не беше реализирана, а иницијаторот на оваа идеја, поранешниот албански претседател Сали Бериша, и самиот се откажа од изградбата на нуклеарки и најави инвестирање во капацитети што ќе работат на обновливи извори на енергија.
Инаку проектот „Белене“ има подолга историја. Нуклеарката започна да се гради пред повеќе од десетина години, а изградбата ја следеа низа контроверзии, беа потрошени многу пари за студии, за изградба на дел од пристапната инфраструктура, а беа купени и два реактора од Русија. На крајот проектот беше запрен од страна на Европската Унија, без да биде постигнато нешто конкретно.
Според сегашните процени, изградбата на нуклеарката „Белене“ би чинела околу 10 милијарди евра, а бугарската опозиција предупредува дека проектот ќе чини многу повеќе пари и дека ќе ја осиромаши економијата на државата.