Две нови инвестиции во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 1 во вкупен износ од 11 милиони евра, во кои ќе се отворат по осумдесетина работни места, најави вчера вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
– Комисијата за економски систем донесе препорака до Владата да ги усвои договорите за државна помош за инвестицијата на „Зенит интернешенал продукт“ од ОАЕ од три милиони евра со 80 вработувања, која во зоната во Бунарџик ќе произведува грејачи за бојлери и на турската „Балканлар пластик“, која ќе инвестира осум милиони евра во капацитет за производство на амбалажа – лиена пластика, и исто така ќе обезбеди 80 вработувања – рече Анѓушев на прес-конференција во Владата.
Вицепремиерот информира дека во првиот квартал годинава во Македонија, според податоците и врз основа на методологијата на НБРМ, се влезени 235 милиони евра странски директни инвестиции, што, истакна, е рекорден износ во последните 12 години.
Анѓушев не го коментираше барањето за предвремени парламентарни избори што го упати опозициската ВМРО-ДПМНЕ од завчерашниот митинг, но истакна дека многу чести избори не се поволни за економските активности. На критиките од опозицијата најави дека ќе одговараат со аргументи и со бројки. Е.Р.