Втора транша поволни кредити за мали и за средни претпријатија од Европската инвестициска банка (ЕИБ), во износ од 16 милиони евра, ќе пристигне на почетокот на следната недела. Со овие средства ќе се поддржат проектите на 53 мали и средни фирми. Ова беше истакнато на средбата меѓу заменик-министерката за финансии Ширет Елези и в.д. главниот оперативен директор на Развојната банка на Северна Македонија Вељанд Рамадани.
Со првите две транши ќе бидат повлечени 31 милион евра за поддршка на 92 мали и средни претпријатија. Развојната банка работи и на подготовка за повлекување на трета транша во износ од 9 милиони евра за поддршка на нови 20 претпријатија.
– Малите и средни претпријатија се основата на економијата. Тие се креатори на најголемиот број работни места кај нас, учествуваат во креирање на над половина од бруто-домашниот производ и претставуваат 99 отсто од вкупниот број претпријатија што работат во нашето стопанство. За жал, пристапот до капитал и кредити за малите и за средните претпријатија е многу потежок во однос на големите компании. За таа цел, Владата преку поволните кредити преку Развојната банка и преку други мерки дава поддршка на овој сектор. Настојуваме да се развие инвестициската активност, претприемаштвото, да се креираат нови работни места – рече заменик-министерката за финансии Елези.
Рамадани посочи дека преку кредитната линија од ЕИБ, Развојната банка продолжува да ја остварува својата стратегиска определба за поддршка на македонската економија и постигнување одржлив развој, преку поддршка на малите и средните претпријатија.
– Ние како Развојна банка на Северна Македонија цврсто веруваме во продолжување на успешната соработка со ЕИБ, со намера на нашите мали и средни претпријатија да им овозможиме поквалитетни финансиски извори, а со тоа да придонесеме кон зајакнување на целокупната економија, зголемување на вработеноста и поттикнување на иновациите и извозот. Покрај оваа кредитна линија, во понудата на банката е вклучена широка палета на финансиски производи, односно кредитни линии, факторинг, гаранции и осигурување на извозот приспособени кон потребите на крајните корисници – рече Рамадани.
Условите под кои може да се користат средствата од кредитната линија на ЕИБ се исклучително поволни, односно каматна стапка од 3,2 отсто и рок на отплата до 12 години за инвестиции и приоритетни проекти, и до 3 години за обртни средства. Поддржани дејности со петтата кредитна линија ЕИБ за двете транши се производство, трговија, градежништво, транспорт, здравство и образование, хотели и ресторани и други дејности.
Инаку вкупната вредност на петтата кредитна линија од ЕИБ изнесува 100 милиони евра и договорот за користење на истата таа беше потпишан лани во септември. Досега преку Развојната банка се реализирани четири кредитни линии поволни кредити од ЕИБ, во вкупна вредност од 350 милиони евра.