Комбинираното негативно влијание на константното влошување на економскиот амбиент во земјава и на глобалната здравствено-економска криза веќе сосема е извесно, ќе продолжи и во наредната година. А за тоа какви се можностите за стопанството во такви услови, кои се предлозите и мерките за подобрување на амбиентот и како да се надминат опасностите што и понатаму се надвиснати над него, за „Нова Македонија“ зборуваат претседателите на најголемите стопански комори во земјава
Мора да бидеме оптимисти и во секоја криза да гледаме шанса
Мора да бидеме свесни дека нѐ очекува година испреплетена со здравствена и со економска криза, со почитување на мерките за заштита од пандемијата и со одржување на ликвидноста на компаниите. Но мора да бидеме оптимисти и во секоја криза да ја гледаме шансата да дејствуваме со конкретни мерки и со реални активности, за да изградиме посилна македонска економија во периодот по ковид-19, преточени во стратегија за долгорочен економски,
одржлив развој на државата, за владеење на правото и за функционална законска регулатива. Ова се првите укажувања на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, поврзани со економските предизвици пред кои е исправена земјава во следната 2021 година.
– Очекувањата на бизнисот ние ги презентиравме во еден квалитетен документ „Македонската економија во тековниот период и во периодот по ковид-19 “, во кој компетентни луѓе од бизнисот и од економијата предлагаат решенија за периодот што реално треба да се случи во вториот и во третиот квартал од наредната година и за истиот документ се подготвува оперативен план со прецизни активности, кои се во директна релација со искажаните потреби на компаниите, како на пример: воведување ефикасен механизам за наплата на побарувањата што ги има приватниот од јавниот сектор и промена на членот 218 од Законот за извршување, со што би се обезбедиле побарувањата на приватниот од јавниот сектор; преоценување на царинскиот тарифник; системско решение за прашањето на парафискалните давачки и воведување даночен календар. Но клучно што треба да се направи е да се поддржат компаниите извозници, тргнувајќи од фактот дека извозот има суштинско значење за нашата економија, и да се најдат алтернативни извозни пазари, како и да се поддржат оние компании што успеаја, и покрај кризата, да ја задржат ликвидноста, да продолжат со инвестициите и да не отпуштат ниту еден работник – вели Азески.
Според првиот човек на СКМ, паралелно мора да работи и на исполнување на стандардите на Европската Унија, кои ѝ се потребни на земјава, не само заради приклучување кон Унијата.
– Потребно е сите заеднички да работиме со конципирање акциски план и со негова итна реализација. Но најважна од сè е заштитата на човечките животи во битката со коронавирусот, која, веројатно, ќе остави печат и во наредната 2021 година, поради што е неопходно и беспрекорно почитување на мерките што се пропишани во борбата со пандемијата – истакна Азески.
Важно е да се инсистира на подобро деловно опкружување
Какви ќе бидат конкретните економски показатели за движењето на македонската економија ќе зависи од тоа дали ќе се остварат позитивните очекувања за надминување на кризата во првиот квартал од новата година, вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, за предизвиците исправени пред компаниите следната 2021 година.
– Сојузот на стопански комори е гласот на економијата и ќе продолжи да го застапува приватниот сектор и да придонесува со предлози базирани на факти, да се помогне со финансиски и нефинансиски мерки да се надмине здравствено-економската криза, која се прелева во 2021 година. Посветено ќе дејствуваме со намера секому што легално работи на националниот пазар да му се овозможат фер услови диктирани од самиот пазар, кој, пак, треба да е ослободен од влијанија и базиран на принципите на слободна конкурентност и еднаков третман. Ќе продолжиме да се залагаме за воспоставување систем на владеење на правото, законите да важат еднакво за сите и да се применуваат неселективно – истакнува Арсовска.
Според неа, еден од многубројните предизвици е институциите да се посветат на сериозно сузбивање на сивата економија, која е во експанзија.
– На овој начин дополнително ќе им се помогне на претприемачите што се борат за опстанок на пазарот во услови на тешка криза, а едновремено се соочени со притисоци од инспекции и преобемна регулатива. Важно е да се инсистира на овозможување на подобро деловно опкружување, каде што секој ќе има еднаква шанса за успех и напредок – дополнува Арсовска.
ИКТ-секторот, двигател на економскиот раст
За следната 2021 година очекувањата се дека ИКТ-секторот, како и досега, ќе продолжи релативно добро да се справува со пандемијата и земајќи ги предвид агилноста и мобилноста на ИКТ-секторот може да се каже дека засега последиците се на релативно ниско ниво, особено доколку се направи споредба со другите сектори што навистина имаа и сѐ уште имаат значителен застој во работењето. Очекуваме дека пандемијата ќе стивне, особено во втората половина од следната година, а ИКТ-секторот ќе продолжи да биде двигател на економскиот раст во државата, објаснува Билјана Прличкова, оперативна директорка на МАСИТ.
– Во 2021 г. очекуваме да стапат во сила дел од предлозите на МАСИТ, за кои интензивно лобиравме во изминатиот период, како што се: ослободување од оданочување со данок на личен доход на премиите за доброволно здравствено осигурување на вработените лица и ослободување од оданочување на надоместоците на трошоци за обуки и доквалификација (стекнување сертификати, лиценци и сл.) на вработените лица. Наедно очекуваме и продолжување на комуникацијата со Владата во однос на реализација на другите предлози на МАСИТ за кои беше најавено дека ќе се усвојат, како што е намалувањето на данокот на личен доход за ИТ-индустријата, што сметаме дека ќе има особено значаен позитивен ефект за раст на индустријата – дополнува Прличкова.
Според неа, главна заложба на МАСИТ следната година ќе биде и предлогот за лимитирање на износот за основицата на кој се плаќаат придонесите за социјално осигурување за вработените во ИКТ-секторот, односно пресметка на придонесите за вработените во ИКТ-индустријата за максимален износ на плата што е утврден како просечна исплатена плата во индустријата.
Да се фокусираме на капиталните инвестиции
Првиот човек на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, смета дека фокусот на Владата во следата 2021 година треба да биде насочен кон спроведување среднорочни и долгорочни економски проекти, кои главно вклучуваат капитални инвестиции.
– По надминувањето на здравствената криза, нашата процена е дека Владата и буџетите за следните години треба да бидат од економски карактер, додека институциите треба да соработуваат и да им помагаат на деловните субјекти во борбата против невработеноста, подобрување на социоекономскиот стандард, создавање нови работни места и за експоненцијален развој на деловниот сектор, од што би имале корист државата, општеството и економијата во целост – објаснува Хоџа.
И според него, очекувањата за 2021 г. се силно поврзани со одвивањето на пандемијата на ковид-19, но сепак, смета дека следната година ќе биде попозитивна.
– Нашите очекувања се дека следната година ќе биде позитивна во споредба со 2020-та, но задоволително ниво на економски перформанси би било ако 2021 е позитивна и во споредба со 2019 година. По надминувањето на ковид-19, економското закрепнување ќе треба да се направи преку давање финансиски средства кон компаниите од најтешко погодените сектори, но исто така и во секторите што вработуваат најголем број вработени. Исто така, државна помош за дигитализација на компаниите, зголемување на технолошките капацитети, како и закрепнување на образованието, подобрување на штетите претрпени од ковид-19 и преструктурирање на системот, од кој ќе се појави поквалификуван персонал и погоден за потребите на пазарот – прецизира Хоџа.