Поради продолжувањето на несаканите ефекти од пандемијата предизвикана од Covid-19 вирусот, а со цел да излезе во пресрет на своите клиенти – физички лица за полесно надминување на негативните последици, НЛБ Банка повторно овозможи одложување на плаќањето на кредитните обврски за сите кредитни продукти.
Во врска со оваа можност, Банката ги известува своите клиенти – физички лица, дека на својата веб страница објави детални информации за одложената отплата на месечните кредитни обврски. Ова се однесува на клиентите корисници на кредитни продукти (кредити, кредитни картички и дозволено пречекорување на трансакциски сметки) кои имаат влошување на својата финансиска состојба како последица од Covid-19 кризата, а со тоа и реална потреба од одложување на кредитните обврски. Притоа, за да го искористат правото на одложено плаќање треба да исполнуваат некој од дефинираните критериуми:
• Да имаат престанок на работен однос на кредитокорисникот и/или со него поврзано лице/а и/или ко-кредитобарателот
• Да имаат намалување на платата од најмалку 10% на кредитокорисникот и/или со него поврзано лице/а /или ко-кредитобарателот
• Да имаат високи медицински трошоци поради болест предизвикана од Covid-19
До сите клиенти – физички лица, кои согласно евиденцијата на Банката исполнуваат некој од наведените критериуми, доставени се индивидуални понуди. Клиентите кои ќе добијат индивидуална понуда, имаат рок од 10 дена, најдоцна до 14.09.2020, да ја прифатат доставената понудата преку веб страницата на Банката.
Истовремено, НЛБ Банка ги охрабрува и повикува сите клиенти – физички лица корисници на кредитни изложености, кои нема да добијат индивидуална понуда, а сметаат дека исполнуваат некој од наведените критериуми, да поднесат барање за одложено плаќање. Барањето може да го поднесат преку веб страницата, при што преку истата форма потребно е да прикачат соодветен документ како доказ за исполнување на некој од критериумите.
Со можноста за одложено плаќање на кредитните обврски, НЛБ Банка уште еднаш покажува грижа за своите клиенти во насока на олеснето справување со актуелната криза, додека преку целосно дигитализираниот процес, без дополнителна потреба за посета на експозитура, придонесува кон заштита на јавното здравје, но и заштеда на време, како и подобро корисничко искуство.
Повеќе информации за можноста за одложување на кредитните обврски за физички лица можат да се добијат на веб страницата https://bit.ly/3hZPs0u или телефон 02/15600.