За создавање услови за долгорочен економски пораст, Европската комисија препорачува воспоставување среднорочна буџетска рамка, фискална консолидација и целно трошење, подобрување на законодавството, намалување на неформалниот сектор, зајакнување на пазарот на трудот и овозможување услови за поголема вработеност, особено на жените и на младите, работи што треба самите да ги завршиме
Македонската економија денес е економија зависна од увозот и од штедењето, со висока изложеност на надворешни фактори на ризик и без значајни предности што овозможуваат избегнување закани и за искористување на потенцијалните можности. По најавите за зачленување во НАТО и за почнување на преговорите со ЕУ, се наметнуваат голем број прашања. Дали членството во ЕУ и во НАТО ќе ја придвижи македонската економија? Дали ЕУ и НАТО можат да им донесат економски подем и поголема конкурентност на македонските компании или, пак, Македонија мора сама да продолжи со структурните реформи, сѐ додека не се најде на патот кон одржливиот развој, со конкурентно стопанство, компатибилно со стопанството на Унијата?
За претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, зголемувањето на конкурентноста на македонските компании и создавањето квалификуван кадар несомнено се главните предизвици и приоритети на економската политика, при што порастот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија.
– Бизнисот е една од најчувствителните категории. За него две работи се клучни како темелни претпоставки. Тоа се безбедноста на државата и на регионот и предвидливоста, за да може бизнисменот да ја предвиди ситуацијата врз основа на проекциите што ќе ги направи државата и другите информации што ќе ги има. Наедно тој тука добива предност или ја губи предноста во трговијата или во своето работење во профитабилноста – смета Азески.
Како што вели тој, овој регион е многу проблематичен и не можеме да претпоставиме дека со затворањето на прашањето за НАТО во целиот регион таа несигурност ќе исчезне, затоа што тоа е подрачје што постојано било тензично од многу причини.
– Ние, како бизнисмени, сме станале отпорни на тие работи и сме се труделе да ги надминеме, така што ние добиваме една многу значајна претпоставка, ако целиот регион, вклучувајќи нѐ и нас, пристапиме во една таква сериозна организација, а од друга страна сметам дека со зачекорувањето кон Европската Унија ние ќе ја добиеме и предвидливоста, која е многу значајна за влечење на потезите. Меѓутоа тоа што, исто така, мора да се истакне е дека ниту НАТО ниту ЕУ по завршувањето на формалностите за приемот ќе ја подобрат економската состојба. Ќе ја подобриме самите ние ако ги засукаме ракавите, ако ги надминеме слабостите, а тие се точно нотирани во извештајот на Прибе и тоа треба да го ставиме како приоритет – објаснува Азески.
Тој додава и дека состојбите со правосудството не се средени, а тоа има директен одраз на економијата во сите сегменти.
– Темелните вредности што мора да ги изградиме во наредниот период по забрзано темпо се процесот на децентрализација, попис, средување на состојбите со правосудството и создавање претпоставки за намалување на степенот на корупцијата и на сивата економија – истакнува Азески.
Според неговиот впечаток, во бизнис-заедницата и во граѓанството не се води доволно сметка дека во нашето опкружување имаме конкуренција.
– Ние мислиме дека само Македонија привлекува инвестиции и дека ние даваме најдобри услови, но тоа не е точно. Тие реагираат и ги менуваат условите врз основа на процените што ги имаат. Пред неколку дена добив допис дека две реномирани словенечки компании влегуваат во Србија и дека бараат информација да видат каква е состојбата во Македонија. Тие се натпреваруваат, ние сме поставени во услови на конкуренција, ние треба постојано да се приспособуваме и да го анализираме пазарот – вели Азески.
Тоа што недостига во Македонија, според претседателот на СКМ, е имплементацијата, бидејќи приоритетите се дадени и Македонија токму тука треба да ги насочи вниманието и механизмите.
– А, меѓу другото, треба конечно да се престане со практиката за донесување закони по итна постапка, што е резултат на изместената позиција на парламентот, која 8 години кај нас остана зацементирана и индиферентна во однос на извршната власт – смета Азески.
Тој го истакнува и проблемот со недоволно квалификуван кадар, кој, според него, е многу изразен.
– Ние правиме процени да повикаме и на запирање на процесот на привлекување странски инвеститори, бидејќи немаме веќе работници за да испорачаме, се наоѓаме во многу неизвесна и критична состојба. Тие странски инвеститори што дојдоа ја исцрпија квалификуваната работна сила, а преостанатите ја напуштија државата – појаснува Азески.
За создавање услови за долгорочен економски пораст, Европската комисија препорачува воспоставување среднорочна буџетска рамка, фискална консолидација и целно трошење, подобрување на законодавството, намалување на неформалниот сектор, зајакнување на пазарот на трудот и овозможување услови за поголема вработеност, особено на жените и на младите.
Иван Вчков, аналитичар во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, вели дека клучните слабости на економијата во Македонија остануваат.
– Тие вклучуваат недостатоци во деловното опкружување, како што се слабото спроведување на договорите и големата неформална економија. Структурните проблеми на пазарот на трудот се рефлектираат во ниската активност и високите стапки на невработеност – смета Вчков.
За да ѝ се овозможи на земјата да ги исполни обврските за членство, ЕК препорачува да се подготви во многу области, вклучувајќи ги конкурентноста, транспортот и енергијата, а како клучни слабости во економијата ги наведува големата неформална економија и слабото спроведување на бизнис-договорите.