Пред десетина дена со повеќе од 500 лозари три часа разговаравме за сите проблеми. Впечатокот од нивна страна беше дека ниту една влада досега предвреме не ја отворила темата во делот на откупот, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
– За кои било земјоделски култури оваа година субвенциите ги исплативме навреме и многу порано ги започнавме разговорите за дефинирање на процесот на откуп, така што во следните неколку дена ќе имаме средба со откупувачите и ќе имаме една заедничка, на која ќе ги дефинираме следните чекори за навремено да ги носиме одлуките и да биде подготвен откупот за оваа реколта – кажа Николовски.
Пред почетокот на бербата тиквешките лозари ја пресметаа производствената цена за најзастапените сорти грозје „вранец“ и „смедеревка“, посочувајќи дека цените би требало да бидат 15 денари за „вранец“ и 13 за „смедеревка“, а побараа и сериозен откуп и рок на плаќање. Покрај ова, лозарите бараат и секоја винарница да остави банкарска гаранција и исплатата да биде што е можно побрзо, бидејќи долг бил периодот од шест месеци.
Земјоделците пред неколку дена почнаа со берба на најраните сорти трпезно грозје „ранка“ и „прима“, а се очекува да почне и бербата на познатиот „кардинал“ и „кармен“.