Министерството е во постојана комуникација со лозарите и целосно е запознато со нивните проблеми, а Владата во овој период мора да ја затвори како прашање исплатата на долговите од винариите „Повардарие“ и „Стефани“ и лозарите да ги добијат своите пари, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
-Се трудиме да правиме притисок и да ги решаваме напластените проблеми каков што првенствено беше со винаријата „Повардарие“ која на лозарите им должеше близу четири милиони евра. Денеска вршевме инспекциски увид и констатиравме дека „Повардарие“ уште исплаќа и оти во овие два месеца се исплатени 200 илијади евра. Останува по долгот за 2015 и 2016 година да се доисплатат уште 500 до 600 илјади евра- рече Николовски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека за утре е закажан состанок во Министерството со градончалниците на Кавадарци и Неготино, со пратениците од тој крај и претставници на.лозарите, а пртетходно ќе има и состанок со стечајниот управник на винаријата Стефани и со претставниците на банките.
-Министерството координира да го направиме на некој начин тоа што може да го сториме како држава. Разговараме да ги мотивираме што побрзо да се најде решение за овој проблем зашто лозарите имаат побарувања од околу 30 милиони денари од винаријата Стефани кои мора да бидат исплатени- посочи Николовски.
Најави дека на следната владина седница во вторник ќе се разгледаат Уредбата и Програмата за директни плаќања за 2019 година во кои е вградена методологијата за исплата на новата мерка за зелена нафта. По усвојувањето на Влада, како што кажа, во текот на следната недела ќе бидат расчистени техничките детали и фармерите ќе знаат на кој начин и во кој временски период ќе ја добијат зелената нафта.