Угостителите, игротеките и туристичките агенции излегоа на протест
Континуирана финансиска поддршка за спас на туристичко-угостителскиот сектор побараа попладнево на протест угостителите, претставници на ноќните клубови, рестораните за свадби, игротеките, туристичките агенции, како и туристички водичи и превозници.
Под мотото „Ќе можете ли“, ги повикуваат надлежните институции итно да ја обезбедат бараната финансиска поддршка.
– Угостителскиот сектор од почетокот на кризата минатата година се до денес работи под бројни рестриктивни мерки, а во одредени периоди и со целосен прекин на активноста, што без соодветна и навремена поддршка доведе до престанок на деловната активност за многу субјекти во секторот и загуба на многу работни места. Ние во изминатите години докажавме дека знаеме и можеме да работиме, и од нула изградивме претприемачки извор на егзистенција преку кој чесно ги издржуваме нашите семејства. Сега без наша вина, не сме во можност да работиме, а тоа ја доведува во прашање не само иднината на деловните субјекти туку и егзистенцијата на нашите семејства. Затоа и ги повикуваме надлежните институции да се потсетат на нивниот изборниот слоган „Можеме“ и да покажат дека навистина можат и да ни помогнат кога тоа навистина ни е потребно за спас на дејноста на правните лица и егзистенцијата на нашите семејства. Денеска сите ние од тука јасно и гласно ги прашуваме „Ќе можете ли?“ да одговорите на барањата и да ни ја обезбедите помошта која е потребна – изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора.
Се бара еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада. На протестот беше посочено дека овие сектори со месеци немаат никаква помош, не само за зачувување на работните места туку немаат никаква помош ни за основните трошоци за егзистенција и се под закана за губење на домовите и објектите од банки и извршители.
Велат дека под помош не сметаат понуди од владата за користење на кредити од Развојна банка, туку тоа е само дополнително задолжување од еден кредит да имаат два. Бараат еднократна финансиска помош за секој од регистрираните категоризирани објекти, кои повеќе од една година се затворени во целост, а со цел покривање на досегашните трошоци и долгувања акумулирани поради забраната за работа. Исто така, угостителите бараат и еднократна финансиска помош во вид на грант за сите регистрирани угостителски објекти, поделени во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година како и утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и Развојна банка се додека не дозволи Владата работење без рестрикции.
Помош за опстанок бараат и туристичките агенции, кои поради состојбата со корона-кризата не може да ја извршуваат дејноста.
– Не бараме поддршка за да заработиме, туку помош за опстанок. Неизвесноста на ситуацијата и зголемениот број на заболени, затворените граници, немањето туристи и падот на прометот од речиси 100 отсто во 2021 година ја оневозможува нашата егзистенција. Бараме неповратна финансиска помош за секоја лиценцирана туристичка агенција со цел опстанок и ликвидност на компаниите за 2021, бараме ваучерите кои ќе се доделуваат од Владата за кампањата „Дома си е дома“, задолжително да се користат преку туристичките агенции, кои ќе можат во аранжманите да ги вклучат сите учесници од секторот туризам и бараме да се продолжи рокот на ваучерите кои се издадени од туристичките агенции според Одлуката на Влада за нереализираните патувања во 2020 година, до 31.12.2022 година – изјави Ана Марија Алексова, член на Управниот одбор на ТУК.
Димитар Кавраков претседател на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници истакна дека туристичките водичи се заборавени и со месеци воопшто немаат никакви примања за егзистенција поради кризата.
– Ние сме амбасадори на македонската култура и знаменитости, не може овој сектор да биде оставен на немилост сред пандемија – истакна Кавраков.
Поради големиот број на заболени во незавидна состојба се наоѓаат и игротеките.
– Бројот на заразени е голем поради што и воопшто нема интерес за славење на роденден во игротеките, поради што и бараме финансиска поддршка се додека не се создадат услови за работа. Веќе 14 месеци сме без деловни активности, без помош ќе згаснат нашите деловни субјекти – изјави Трајко Николовски од Групацијата на рекреативни дејности.
Протестот на Туристичко-угостителската комора продолжува и утре и ќе трае се до исполнување на барањата.