Капитални инвестиции се значајни и за тековниот пораст, главно затоа што ја поддржуваат градежната активност, но уште повеќе за идниот пораст, бидејќи ја прават економијата поконкурентна во генерална смисла на зборот
Слабата искористеност на средствата предвидени за капитални инвестиции продолжува. Во осмиот месец од оваа година имаше нов пад во реализацијата на капиталните инвестиции, кога се потрошени само 476 милиони денари.
Според податоците што Министерството за финансии ги објавува на својата веб-страница, може да се забележи дека најголема реализација на капиталните инвестиции имало во јули, кога биле потрошени една милијарда и сто и осум милиони денари. Убедливо најлош месец се покажал јануари, кога за капитални проекти биле потрошени само 280 милиони денари.
Анализата на Министерството покажува дека од почетокот на годинава, заклучно со осми месец, од планираните средства за капитални проекти се потрошени само 23,3 отсто.
Слабата реализација на средствата предвидени за капитални проекти, според упатените, е очекувана, со оглед на трендот во првата половина од оваа година.
– Подреализацијата на капиталните инвестиции е очекувана, бидејќи тоа е трендот на реализација во текот на целата година. Притоа, лично го уважувам одговорот на Владата дека оваа подреализација се должи на потребни ревизии и отстранување евентуални спорни моменти кај капиталните проекти, за да се зголеми ефикасноста на потрошените пари. Затоа, по референдумот, во периодот на планирање на следниот буџет, очекувам Владата да отвори консултативен процес за тоа какви капитални инвестиции ни се потребни, приоритизација и за извори на финансирање. Ако сето тоа адекватно се испланира и програмира, тогаш еднаш засекогаш ќе ја искорениме практиката на значајни потфрлања во реализацијата, односно на намерно надувување на нивниот износ на почетокот на годината, а потоа кратење на тие предвидени средства со ребаланси – вели Марјан Петрески, професор на Американ колеџ Скопје.
Професорот истакна дека капиталните инвестиции се важни за економскиот пораст и затоа треба да се внимава како ќе се искористат средствата на граѓаните.
– Во однос на значењето за порастот, секако дека овие капитални инвестиции се битни и за тековниот пораст, главно затоа што ја поддржуваат градежната активност, но уште повеќе за идниот пораст, бидејќи ја прават економијата поконкурентна во генерална смисла на зборот. Затоа е важно да зборуваме за приоритизација и за ефикасност во искористувањето на парите на граѓаните – додаде Петрески.
Неодамна и министерот за финансии Драган Тевдовски зборуваше за слабите капитални инвестиции, посочувајќи дека се прави притисок до сите институции да ги интензивираат таквите инвестиции. Тој појасни дека се затекнати многу наталожени проблеми од минатата власт, кои, според него, оваа година ќе се решаваат, и нагласи дека е оптимист оти ќе се интензивираат инвестициите, а порастот ќе биде задоволувачки.
– Индустриското производство расте со пет проценти, имаме многу силен пораст на извозот од 13 отсто, инфлацијата е стабилна, а странските директни инвестиции во првиот квартал се на рекордно највисоко ниво од 233 милиони евра – кажа Тевдовски, додавајќи дека според вака поставените фундаменти, Македонија може да очекува да има адекватен пораст.
Упатените истакнуваат дека вообичаено е во првата половина од годината да има помала реализација на капиталните проекти, но, сепак, посочуваат дека оваа година тие се на многу ниско ниво. Тие појаснуваат дека иако овој период поради посветеноста на Владата кон преговорите со Грција и референдумот јасно е дека се можни потфрлања кај капиталните инвестиции, сепак мора да се насочи вниманието кон економските проблеми, бидејќи нереализацијата на инвестициите може да се одрази на економијата.