Фото: Игор Бансколиев

Одложување на плаќањата на даноците, првенствено на ДДВ за компаниите што се најпогодени од владините мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, финансиска поддршка за малите и средните компании, а во услови на посилни економски нарушувања и потенцијално намалување на даноците во најпогодените сектори за неколку месеци се дел од мерките што ги предлагаат економистите и со кои може да се ублажи ударот врз економијата

Како размислува Владата во контекст на креирање мерки со кои на економските субјекти ќе им помогне да ги надминат тешкотиите наметнати од ширењето на коронавирусот? Некои од државите во регионот, но и големите европски и светски економски сили веќе почнаа со примена на разни мерки што би требало да ја поддржат економијата, во која, според сите процени, допрва ќе се почувствуваат последиците од кризата предизвикана од пандемијата, поради што економистите и претставниците на бизнис-секторот во Македонија укажуваат на штетите и апелираат за поголемо разбирање од надлежните институции.
– Нашите интерни анкети покажуваат дека состојбата меѓу компаниите е демотивирачка, зашто недостига предвидливоста како клучен фактор за бизнисот. Збунети сме и од немањето заедничка стратегија за справување со пандемијата од страна на ЕУ, како и од состојбата што секоја држава применува посебни мерки, што претставува основа за брз колапс на бизнисот – вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Инаку, неподелени се мислењата дека поради фактот што македонската економија е мала и отворена, таа е изложена на глобалните влијанија.
– Поради прекинати синџири на понуда, прекинато или намалено работење на фабриките лоцирани во Кина и во други економии клучни за снабдување со суровини, репроматеријали и производи, постојат ризици од недостиг од материјали за навремено производство. Од друга страна, поради воздржаност од инвестиции и кај компаниите и кај граѓаните, ќе страда и побарувачката. Македонските компании се погодени од двата аспекта – вели Благица Петрески, главна економистка во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, појаснува дека штетите се разликуваат од дејност во дејност, но притоа нагласува дека не станува збор само за штетите произлезени од мерките за заштита на јавното здравје што ги воведе Владата туку и за целокупното негативно влијание на новонастанатата состојба со пандемијата.

– Од почетокот на април ќе бидат неопходни мерки за ублажување на проблемите со ликвидноста од типот одложување даночни обврски, одложување или субвенционирање придонеси без казни и казнени камати, евтини краткорочни заеми со многу поволни каматни стапки, намалување на каматите од деловните банки и други мерки за одржување на ликвидноста и редовна исплата на платите – истакна Димитров.
Во меѓувреме, во регионот масовно се користат разни мерки со кои се поддржуваат стопанските субјекти. Во соседна Србија, за да им помогне на компаниите, Народната банка на Србија ја намалила референтната каматна стапка, што ќе овозможи поевтини кредити за компаниите, но се размислува и за олеснување на условите за отплата на ратите на компаниите поради состојбата со коронавирусот.
Меѓу другите, и Франција најави десетина милијарди евра помош за надминување на економските проблеми предизвикани од епидемијата.
Данската влада им препорача на приватните компании што се погодени од мерките за сузбивање на вирусот дека ќе им плати 75 проценти од платата за вработените ако ветат дека нема да отпуштаат работници. Во согласност со тримесечниот план за помош, кој ќе трае до 9 јуни, државата ќе плаќа 75 проценти од платата на работниците, а преостанатите 25 отсто треба да ги покријат компаниите.

Фото: Игор Бансколиев

Од друга страна, министерот за економија на Германија, Петер Алтмаер, изјави дека се размислува и за привремено национализирање определени компании ако тоа е единствен начин за поддршка во ситуација на пад на меѓународните синџири за испорака. Тој нагласи дека не очекува голема национализација, но и дека „нема да се дозволи банкрот на економски стабилни компании“.
Германски медиуми најавуваат дека се размислува за одложување на даночните обврски и за финансиска помош.
Но најдалеку отиде Шведска, чија влада, по интензивните преговори што целиот викенд ги водеше со стопанствениците, подготви пакет за помош на стопанството во вредност од 30 милијарди евра (300 милијарди круни).
– Ова е навистина уникатна ситуација за шведската економија – оцени министерката за финансии Магдалена Андерсон, нагласувајќи дека мерките треба да ѝ помогнат на деловната заедница, но и да придонесат за спречување на ширењето на инфекцијата.

Но претставниците на компаниите очекуваат уште повеќе.
– Добро е што Владата, во согласност со предлогот на компаниите, ги презема овие мерки, кои ќе им помогнат да излезат од оваа досега најстресна криза. Освен тоа, мерките ќе помогнат и да се ограничи штетното влијание врз другите индустрии. Но Владата мора да биде подготвена да преземе уште покрупни мерки – изјави Јан Олоф, извршен директор на едно од шведските претпријатија што најмногу се погодени од кризата
Договорот беше постигнат откога извршниот директор на САС, Рикард Густафсон, најави можност за отпуштање на вработените. Владата, исто така, информира дека државата ќе ја преземе одговорноста за платените боледувања за два месеци.


Народна банка ја намали каматата на 1,75 отсто

Народната банка ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени на нивото од 1,75 отсто. Ова е второ намалување годинава, поттикнато од кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот. Со овој потег НБ очекува дека ќе се овозможи одржување на кредитниот циклус и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија, особено врз ликвидноста на корпоративниот сектор, и истакнуваат дека ликвидносниот потенцијал на банките е висок.
Од Народна банка истакнуваат дека големината на вкупните негативни економски ефекти тешко може да се одреди поради неизвесноста околу времетраењето и силината на вирусот и прогнозираат дека овој шок е од неекономска природа и најверојатно нема да го загрози долгорочниот потенцијал за раст и макроекономските основи на економиите, но додаваат дека неговите ефекти на краток рок врз глобалната економија најверојатно ќе бидат изразени и ќе се одразат како големо забавување или намалување на глобалната економска активност.


Голем број држави одложија дел од даночните обврски

Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ издвои дел од фискалните мерки воведени во различни земји за справување со економските последици предизвикани од состојбата со коронавирусот.
Одложено плаќање на данокот на додадена вредност (ДДВ) има во Данска на 30 дена, во Грција на четири месеци, во Италија без одредено време, а во Шпанија на шест месеци за малите и средните компании.
Во Франција и во Грција има одложено плаќање на социјалните придонеси, во Велика Британија е изработен план за одложено плаќање даноци по индивидуален договор со малите и средните компании.
Во однос на намалување на даноците и секторски мерки што се преземаат, во Кина на пример е намален ДДВ за маски и заштитна облека, медицински, кетеринг и услуги за сместување. Во Тајланд, маските за лице се ослободени од ДДВ.
Велика Британија нема да им наплаќа данок на компании и данок на имот за компаниите во секторите малопродажба, рекреација и сместување во 2020-2021 година, вклучувајќи и во хотели, ресторани и кафулиња.
Германија, Велика Британија и Франција ги субвенционираат работниците со намалено работно време.