Економските политики на владите, но и оние на опозицијата, отсекогаш добивале импулс, идеи, насоки и корекции од страна на бизнисмените. Наедно, и од бизнис-заедницата и од нивните интересни здруженија, како што се стопанските комори, се добивале инпути за тоа како да се динамизира стопанството, како истото тоа да интерферира со генералните политики во државата и на тој начин да се остварува одржлив развој на земјата. Токму поради ова, но и поради потребата да се прават планови заради антиципирање модели за развој на државата и на стопанството, се поставува клучното прашање, дали соработката меѓу двете страни и понатаму ќе биде продолжена
Соработката меѓу бизнис-заедницата и носителите на политиките во една држава, било последниве да се на владини позиции или да се меѓу опозициските претставници, отсекогаш била неопходна. Економските политики на владите, но и оние на опозицијата, добиваат импулс, идеи, насоки и корекции од страна на бизнисмените, а и од нивните интересни здруженија, како што се стопанските комори, се добивале инпути за тоа како да се динамизира стопанството, а и со тоа растот и развојот на државата.
Токму поради ова, но и поради потребата да се прават планови заради антиципирање модели за понатамошен развој на државата и на стопанството, се поставува клучното прашање, дали соработката меѓу двете страни и понатаму ќе биде продолжена.
Нов тренд: Бизнисот на бизнисмените, а политиката на политичарите?!
Деновиве претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, при гостување во Радио Канал 77 посочи дека комората никогаш повеќе нема да испрати свој бизнисмен во Владата за да биде малцинство.
– Имавме трипати такво искуство, со Хари Костов, Минчо Јорданов и Кочо Анѓушев, и сите завршија лошо со страшни конфликти за прогресивниот данок, буџетите… Внесовме некои бизнис-логики, размислувања и насоки, кои во наредниот период се надеваме дека ќе се преточат во владините проекции и политики, но нема шанси повторно да прифатиме покана за учество во Владата – рече Азески.
Тој посочува дека Македонија треба да биде тоа што е природно, крстопат, но дополнува дека, за жал, политичките елити не го слушаат бизнисот. Првиот човек на комората смета дека бизнисот треба да биде на бизнисмените, а политиката на политичарите, кои треба да бидат професионалци што ќе користат совети од стручни луѓе и кои ќе знаат на најдобар начин да ги менаџираат кадровските ресурси.
– Крстосница на патишта, само тоа е нашата стратегиска предност. Да изградиме две пруги, два автопатишта, два гасовода, два нафтовода, да бидеме крстопат на транзитни коридори. Турците ни градеа до Солун, Србите железница до Битола, Бугарите до Кочани, ние почнавме до Крива Паланка и застанавме, не сме изградиле ништо. Ќе го решиме спорот ако со Бугарија градиме патишта, правиме бизнис, разговараме за проекти, инвестиции, а не за Гоце Делчев и Самуил – потенцираше Азески.
Со продлабочена соработка до раст на економијата
Од друга страна, економистот Горан Рафајловски потенцира дека бизнисот мора да добие „празно столче“ во Влада, а тоа значи дека соодветно лице ќе присуствува на седници и совети само да ги слуша дискусиите, а нема да има право на глас.
– Сметам дека трите комори заедно ќе треба да се здружат и со најквалитетен кадар од соодветна гранка ќе треба да го пополнат столчето на комисија и во Владата, каде што отпосле ќе ја пренесат дискусијата на другите бизнисмени и ќе донесат свој став во однос на темата, а потоа ќе нотираат и ќе го искажат своето незадоволство и ќе ги пренесат своите цврсти барања, дури тогаш политиката ќе го послуша бизнисот – вели Рафајловски, додавајќи дека бизнисот и политиката не треба да се мешаат.
Иако соработката меѓу бизнис-заедницата и политичарите треба да донесе многу големи бенефиции за сите, особено за раст на економијата, политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, сепак, посочува дека во Македонија оваа комбинација не се покажала како успешна.
– Кај нас, наместо бизнисмените да ги водат политичарите и да го водат економскиот дел, притоа да менаџираат со економските планови, излегува дека политичарите го водат повторно економскиот дел и заради некакви други интереси го минимизираат трудот на бизнисмените. Претпоставувам дека се наметнуваат туѓите идеи, не доаѓа до израз нивниот поглед на состојбите, што не можам да го разберам, бидејќи ако се успешни менаџери во својата компанија, зошто не го пресликаат истото тоа и во Владата. Ако се држат до рокови и исполнување на плановите во своите компании, зошто истото тоа не го бараат и кога менаџираат со државни проекти – прашува Пекевски.
Наедно тој дополнува дека иако со поголема соработка меѓу владините тела и бизнис-заедницата се очекува да се придонесе кон развојот на економијата, за жал, тоа не се случува во текот на сите овие триесетина години од осамостојувањето.
– Или имаме лоши бизнисмени што користат различни методи во своето работење, врски, конекции и слично, или едноставно политиката не дозволува ние да се развиваме економски. Од овој аспект, бесцелно зборуваме за соработка и можности за нејзино подобрување, кога во суштина не ги исполнуваме основните поставени цели, или посликовито, ако патот треба да се изгради за три години, тогаш и навистина да се реализира за толку години. Буквално принципот на работење во фирма да се преслика на работење на севкупната економија, но тоа очигледно го кочат други фактори, што укажува на недостиг од соработка – појаснува Пекевски.
Претставниците на Владата на Република Македонија посочуваат дека се во постојана соработка со бизнис-заедницата, како и со другите групи на репрезентативни здружувања.
– Владата е во постојан дијалог и соработка со сите засегнати страни – коморите, синдикатите и работодавaчите. Оваа соработка се одвива преку редовни состаноци на Платформата за јавно-приватен дијалог и Економско-социјалниот совет, како основни рамки на соработка. Но и со сите други групи на репрезентативни здружувања на бизнисот, граѓаните, вработените и сите што го чинат економското живеење во нашата земја. Оваа влада е партнер и сечиј глас е слушнат – истакнуваат од канцеларијата на портпаролот на Владата на Република Македонија.
Добра идеја, лош финиш
Учеството на успешни бизнис-менаџери во владините тела по теорија би требало да придонесе многукратно за поголем и побрз развој на севкупната економија.
Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија, вели дека дилемата е постојано присутна, дали добар бизнисмен и менаџер е добар економски политичар или, пак, добар политичар разбира реални економски текови.
– Од искуството и резултатите од македонската економско-реформска политика, можеме да кажеме дека имаме средно успешни резултати во однос на соработката помеѓу бизнисот и политиката. Очекуваме сериозни зафати во подигнувањето на конкурентноста на економијата низ инфраструктурни, логистички и услужни реформи и вложувања. Вообичаено претставниците на бизнис-заедница во поголем дел од случаите се вклучуваат реактивно, односно по одреден предлог, активност или закон предложен од Владата и владините институции, многу ретко проактивно се реагира, предлага или, пак, се поттикнува иницијатива – објаснува Бошков.
Тој додава дека соработката низ економскиот совет, економско-социјалниот совет и други работни тела мора да биде суштински, а не формален, така што важно е да се слушаат сите меѓу себе, а понатаму да се уважуваат предлозите и барањата.
Политикологот Петар Арсовски посочува дека е потребна поголема соработка меѓу бизнис-заедницата и владините тела, но и дека треба бизнисот да ја води деловната политика.
– Бизнисмените што влегуваат во некоја владина коалиција, за жал, не можат да го наметнат многу своето видување, бидејќи главната економска политика ја диктира Владата. Тие доаѓаат во еден веќе завршен систем, систем што е веќе етаблиран. Треба да постои некаква соработка меѓу стопанските комори, деловната заедница и Владата, некакви редовни консултации, редовна комуникација и Владата треба да се води од она што го кажуваат бизнисмените, бидејќи за бизнисот тие сигурно знаат повеќе отколку политичарите. Економијата и бизнисите можат да напредуваат само ако се подобри и зголеми соработката меѓу двете страни, односно ако Владата почне да ги слуша повеќе, особено оние што се во реалниот сектор – објаснува Арсовски.
Катерина Михајлова
Петранка Огнаноска