Нема компромис на сметка на здравјето на граѓаните

ЗА И ПРОТИВ ИЗМЕНИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ

Воопшто не се согласувам со коментарите на рударскиот сектор и нивниот претставник, господин Николајче, имајќи предвид дека веќе неколку месеци работиме да создадеме подобра законска рамка за да го подобриме рударскиот сектор. Една работа мора да се има предвид, дека оваа Влада и Министерството за економија нема да прават никаков компромис на сметка на безбедноста и здравјето на граѓаните, макар тоа да е и за мала концесија за вадење песок и чакал, па и за голема концесија за отворање рудници.

Ние ќе ги третираме исто, бидејќи наша цел и наша заложба е сите граѓани во Северна Македонија да бидат безбедни во своите населени места и истовремено да се грижиме за здравјето на нашите граѓани.

Во новиот предлог-закон има мислење и од Министерството за животна средина, а ќе се достави и елаборат што се однесува на животната средина и, врз основа на тоа, ќе се донесат соодветни одлуки.
Не би кажал дека законското решение е субјективно, но би истакнал дека со измените се допрецизираат други работи што не беа прецизирани со претходното законско решение, што беше едно од главните барања од страна на граѓаните на Северна Македонија, имајќи предвид дека оваа влада веќе пристапи кон раскинување некои договори, но не само да ги раскине договорите, на популистички начин. Ние сме убедени и сигурни дека одлуките сме ги донеле на начин што нема да го загрози системот, односно нема да платиме казни на тие одлуки.

Така ќе продолжиме да постапуваме и во иднина и наш приоритет ќе биде безбедноста на граѓаните во земјава.