Народната банка на Република Македонија (НБРМ) ја објави публикацијата „Паметно управување со парите – водич за личните финансии“, наменета за пошироката јавност, со цел на едноставен начин да ѝ ги доближи основните концепти и поими од областа на управувањето со личните финансии.
Се очекува дека овој водич ќе придонесе за поголема едуцираност на поединците и домаќинствата во Република Македонија за управувањето со личните финансии, соопшти НБРМ, укажувајќи дека при подготовката настојувале водичот да биде разбирлив и за помладите генерации и за лицата што немаат формално економско образование, за да може преку него населението да се информира како е најсоодветно да се управува со финансиските средства за да се постигнат посакуваните цели.
Во водичот е дадено објаснување за тоа како може мудро да се управува со парите, како да се подготват финансиските планови и да се следи нивното остварување, како да се биде претпазлив и да не се влегува во финансиска презадолженост, како внимателно да се користат средствата земени со кредит и кредитните картички и редовно да се отплаќаат обврските итн.
Објаснета е и улогата на банкарските производи и услуги, финансиските инвестиции, осигурувањето и пензионирањето. Опфатени се и основните финансиски инвестиции, а дадено е и објаснување за разликите меѓу банкарските депозити и вложувањата во хартии од вредност итн.|
Народната банка ја подготви публикацијата во соработка со Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија и со Сојузот на микрофинансиски институции. Е.Р.