Компаниите, генерално, постојано се соочуваат со нови предизвици, а особено извозно ориентираните компании, чиј пласман на странските пазари е директно условен од неизвесноста на целата ситуација
СО ЗАСИЛУВАЊЕТО НА ПАНДЕМИЈАТА
Во крајно тешките услови на здравствено-економската криза предизвикана од ковид-19, македонските извозни компаниите се принудени да размислуваат неконвенционално и со примена на нови методи и технологии да ја осигурат својата позиција на постојниот пазар, да пробаат да обезбедат непречен тек на редовните активности и на тој начин да создадат можности за нови партнерства и настапи на нови пазари. Компаниите, генерално, постојано се соочуваат со нови предизвици, а особено извозно ориентираните компании, чиј пласман на странските пазари е директно условен од неизвесноста на целата ситуација.
Директорката на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, Благица Петрески, вели дека извозно ориентираните компании се значајни за македонската економија, особено во периодот на корона-кризата и уште повеќе во посткризниот период.
– Овие компании директно зависат од случувањата во глобалната економија, па оттука, глобалната криза директно се рефлектира и врз нивното работење. Од една страна, намалената побарувачка влијае врз обемот на нивното производство, но иако можеби помалку значаен фактор, сепак, потенцијално нарушени синџири на снабдување претставуваат исто така ризик за работењето на компаниите – објаснува Петрески.
Доколку се земат предвид и ниската конкурентност и продуктивност, додава таа, целокупното бизнис-опкружување и предизвиците со недоволна работна сила во квантитет и квалитет, извозно ориентираните компании се соочуваат со сериозни предизвици.
– Овие компании може да бидат клучен двигател за растот во фазата на ревитализација. Потенцијалните канали се преку зголемени инвестиции, преадаптација на производството и проширување на производството со компоненти што матичните компании ги произведуваат на други локации, ова се однесува на странските инвеститори – истакна Петрески.
Како што вели таа, за ова се потребни политики што ќе ја направат земјата поатрактивна од една страна, а од друга страна ќе ги мотивираат компаниите да инвестираат и да го зголемат производството.
– Иако можеби веќе и ја пропуштивме шансата да привлечеме некој од синџирите на понуда во фазата на дислокација од трети земји. Сепак, потребните мерки се поразлични од она што досега беше понудено. За овие компании веројатно се потребни мерки што ќе бидат во делот на либерализација и олеснувања во царински и увозни давачки, поддршка за инвестиции на нови пазари и технологија. Секако, овие мерки треба да се доспецифицираат, а „Фајненс тинк“ во моментот работи на истражување што треба да даде дел од овие одговори, вклучувајќи и каков тип мерки ќе дадат најголем ефект за економскиот раст – појаснува Петрески.
Според економскиот аналитичар Здравко Савевски, во целиот свет, вклучувајќи и кај нас, трговската размена е намалена во текот на оваа година, негативно одразувајќи се на извозно ориентираните компании.
– Маневарскиот простор е дополнително ограничен поради тоа што и многу други земји како и нашата воведуваа мерки за стимулирање на домашното производство. Во таква ситуација она што станува приоритет за овие компании е наоѓање решенија за пребродување на кризата, кои треба да вклучуваат колку што е можно поголемо задржување на претходното присуство на веќе присутните пазари, дополнување на разликата со зголемено присуство на домашниот пазар и откажување од плановите во услови на криза да се очекуваат маргини на добивка како и во вонкризни периоди – нагласува Савевски.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека задржување на пласманот на производите и услугите на домашните извозно ориентирани претпријатија, кои имаат докажан квалитет во своето работење, е од голема важност за поддршка на економски раст што се очекува со стабилизирање на состојбата по кризата.
– Поради пандемијата, евидентен е негативниот ефект врз побарувачката на пазарите во ЕУ, каде што се и нашите најголеми трговски партнери, а тоа се рефлектира и на работата на нашите производствени капацитети. И покрај кризата и отежнатото функционирање, намалената продажба и тешкотиите во производството и логистиката, голем дел од извозно ориентираните капацитети не ги затворија своите погони и континуирано работат. Она што е потребно во моментот е да не ги изгубат пласманите и да ги задржат воспоставените позиции – истакнуваат од ССК.
Оттаму додаваат дека доколку се случат откажување на договорите, потребно е да им се овозможи да склучат нови договори со потенцијални партнери заинтересирани да работат и да соработуваат со Македонија. Важно е да не се дозволи надворешно трговскиот економски тек да прекине.