ОТКАКО ВЛАДАТА ГО ОБЈАВИ И ШЕСТИОТ ПАКЕТ МЕРКИ

И шестиот пакет владини мерки, кој предвидува 17,8 милиони евра за поддршка на дејностите што во текот на овој месец останаа целосно затворени и за подобрување на ликвидноста на компаниите што инвестираат во текот на оваа година, предизвика поделени реакции во стручната, но и во пошироката јавност. Пакетот опфаќа речиси 10.000 компании во кои се вработени околу 60.000 лица во секторот угостителство, фитнес-центрите, естрадни уметници, туристичките агенции… Но прашањата што се поставуваат се: дали помошта е добро димензионирана и дали е еднакво распределена по потребите на стопанството и, конечно, дали со досегашните пакети Владата само „гаси пожари“, наместо да овозможи поцелисходно решение за излез од кризата, кое, според многумина, би било насочено кон елиминирањето на нејзината причина, односно масовна вакцинација.
Според Павле Гацов, даночен експерт, многу беше забавено донесувањето на петтиот пакет мерки, па затоа е и неизвесно реализирање на шестиот пакет.
– Мислам дека полека завршуваат механизмите на поддржување на стопанството, на крајот ќе снемува и пари и секое друго додавање на пари во стопанството ќе биде поврзано со задолжување. Ние веќе издадовме еврообврзница, имаме обврски да враќаме, се задолжуваме и кај домашните банки, така што мислам дека фискалниот простор се затвора – вели Гацов.
Тој додава дека последниов пакет мерки за поддршката на угостителството и туризмот е буквално „гасење пожари“, бидејќи таму има најкатастрофални падови на приходите.

– Многу од нив ниту ги отворија објектите, ниту работеа, а туристичките агенции не успеаја во странство да однесат наши туристи. Кај нив, некое мало раздвижување имаше со туристичките ваучери, меѓутоа тие не беа искористени докрај, така што сметам дека туризмот е најпогоден од сите. Но, сепак, годишните сметки во Централен регистар што ги поднесоа стопанските субјекти укажуваат дека на многу места било мошне лошо. Дури и некои што поминале лошо, не побарале финансиска помош од државата – појаснува Гацов.
Како што вели тој, на крајот не треба да се заборави дека сево ова ние ќе го враќаме од даноците.
– Значи, кога ќе дојде момент да се враќаат парите, ако немаме раст и развој што ќе го поттикне автоматското генерирање на повеќе приходи, ние ќе мораме да ги притиснеме обврзниците да даваат повеќе даноци во буџетот за да успееме да го враќаме тоа што сме се задолжиле. Во ваков контекст, овој шести пакет што следува и сметам дека треба да се заврши до седмиот пакет, да не се оди понатаму, бидејќи на нас во стопанството, најглавен пакет би ни бил комплетната вакцинација, ќе нѐ ослободи од стегите на коронавирусот и така би се вратиле во кондиција да генерираме нов доход и да плаќаме повеќе даноци – истакна Гацов.
Претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, нагласува дека проблемите што ги носи коронавирусот зависат од здравствената состојба во земјата, но и од здравствената состојба во странство.
– Многу е важно колку сево ова ќе трае. Ако проблемите со вирусот потрајат, тогаш стравувам дека ниту Владата ќе може да најде средства за нова финансиска помош, ниту пак компаниите ќе издржат во битката за опстанок. Се разбира, ова ќе биде различно од дејност до дејност, но по завршувањето на финансиската помош, ако кризата продолжи и понатаму, тоа ќе предизвика големо зголемување на невработеноста – истакна Димитров.

Според него, потребни се дополнителни развојни мерки за компаниите да можат да заздрават во постковид-периодот.
– Покрај поттикнување на приватниот сектор со добро осмислени мерки, закрепнувањето на економијата ќе зависи исто така и од брзината и обемот на вакцинацијата на населението и затоа е неопходно да се направат сите напори за помасовно вакцинирање во земјата – додава Димитров.
Според претседателот на Стопанска комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, нема јасна слика во однос на вакцинацијата на населението и поради тоа не може да се размислува за некаков раст и враќање на економијата во нормала.
– Ако зборуваме на регионално ниво, нашата држава заостанува во процесот на вакцинација и тоа создава уште поголеми тешкотии поради тоа што дел од компаниите се поврзани и регионално и на европско ниво, но и пошироко, и сметам дека во ваква состојба, ако Владата не ја следи ситуацијата со анализи на сите компании, каде што има дел што се на работ на банкрот и на отпуштање на вработени, тој момент ќе биде многу потежок, да се враќаат во нормала компаниите, отколку Владата да се сконцентрира на одржување на егзистенцијата на тие бизниси – споменува Хоџа.