Милијардерите во светот секој ден стануваат побогати за 2,5 милијарди долари, додека сиромашната половина на глобалната популација станува сè посиромашна, јавува Си-ен-ен.
Според истражувањето на Оксфам, моментално на светот има 2,207 милијардери, чија бројка од глобалната финансиска криза од пред една декада до денес, е двојно зголемена.
Студијата на Оскфам во јавноста се појавува пред Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, каде се собираат најбогатите и највлијателните луѓе на светот. Истражувањето има за цел да го потенцира растечкиот јаз меѓу богатите и сиромашните. Комбинирано, вредноста на најбогатите 26 луѓе на светот изнесува 1,4 трилиони долари, исто колку што е вкупната вредност на пари која ја имаат 3,8 милијарди луѓе на светот.
Најголемиот дел од милијардерите се Американци, според листата на Форбс, а таа ги вклучува имињата на основачот на Амазон Јеф Безос, првиот човек на Мајкрософт Бил Гејтс, како и Ворен Бафет и првиот човек на Фејсбук Марк Закерберг. Според Форбс, претходно споменатите милијардери заедно имаат богатство од 357 милијарди долари.
Истражувањето на Оксфам предлага дека земјите, пред сè САД, мора соодветно и пропорционално да ги оданочуваат и богатите и сиромашните, да обезбедат универзална и бесплатна здравствена грижа, образование и други јавни сервиси. Оксфам исто така сугерира дека јавните добра како чиста вода за пиење, струја и платеното трудничко отсуство од работа треба да се достапни за сите.