И покрај тоа што најавените врнежи донекаде би можеле да ги ублажат штетите кај пченицата, тие негативно ќе се одразат врз пчелите и расцветаните овошки
Пченицата, овошките и пчелите се на најголем удар од високите температури, променливото и некарактеристично сушно време за овој период од годината. Поради сушата упатените велат дека ќе имаме значително пониски приноси на пченица, а поради најавите за промена на времето штети ќе има и врз веќе расцветаните коскести овошја и врз пчелните семејства. Но од УХМР најавуваат промени, поради што на земјоделците им препорачуваат да преземат мерки за заштита на земјоделските култури.
– Изминатиот период се карактеризира со високи температури, суво и стабилно време, поради што повеќето од овошките се во фаза на полно цветање и појава на лист. На повисоките места, вегетацијата сѐ уште е во фаза на мирување, а некаде до почеток на цветање. За време на викендот се очекуваат негативни утрински температури, кои во пониските места ќе бидат со послаб интензитет, поради ветерот со кој е проследена ниската температура и краткиот период на траење, но на повисоките места се очекува истите тие да бидат со посилен интензитет и да влијаат негативно на земјоделските култури кај кои веќе е започната вегетацијата. Во утрешните утрински часови се очекува намалување на температурата и им се препорачува на земјоделските производители да преземат соодветни мерки за заштита – е наведено на нивната веб-страница.
Оттаму напоменуваат дека мониторингот за суша укажува оти во изминатиот период имаме поизразена суша, која негативно влијае на развојот на вегетацијата.
– Најлоша е состојбата со полјоделските култури. Врнежите што се очекуваат во наредниот период донекаде ќе ја ублажат оваа состојба, но сепак е прашање колку ќе наврне и дали тоа ќе биде доволно бидејќи на земјата ѝ се потребни 70 до 80 литри вода на квадратен метар – појаснува Ангелко Ангелески, агрометеоролог при УХМР.
Тој вели дека засега состојбата со виновата лоза воопшто не е проблематична бидејќи таа сѐ уште мирува, но додава дека површинскиот слој на земјата низ целата држава е сув што се одразува на другите култури што зависат од вода. Ангелески посочува дека се можни оштетувања и на веќе расцветаните или оформени овошки и додава дека претходниот свеж бран веќе направил проретчувања кај одредени овошки, особено кај кајсиите.
– Можни се минусни температури во одредени региони, како Берово на пример, но бидејќи тој дел е секако поладен, овошките не би требало да се расцветани, па не очекуваме голема штета. Но најавите за врнежливо време негативно ќе се одразат врз пчелите, кои поради високите температури и расцветаните овошки веќе почнаа да излегуваат од кошниците. Поради врнежите нивното движење ќе биде отежнато, а од друга страна можно е и уништување на цветовите што, пак, ќе се одрази на создавањето мед – појаснува Ангелески.
И професорот Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна посочува на индикациите на Светската организација за храна и земјоделство на ОН (ФАО) за неповолна состојба со земјоделството во Македонија. Главен проблем, како што вели Чукалиев, е пред сѐ сушата, која е застапена во целата држава, а е најизразена во Пелагонија, Скопската Котлина, Штип и Радовиш.
– Напролет растат земјоделските производи, но поради недостигот од вода во земјата тие ќе бидат со послаб квалитет. Колку подолго трае сушата толку полошо ќе се одрази врз земјоделството. Од друга страна, доколку со најавените временски промени дојдат и минусни температури, кои ќе се задржат повеќе од еден час, сигурно ќе има оштетување и кај овошките, кај коскестите овошки. Сушата врз нив не се одразува, голем дел од овошјата, некаде дури и јаболката се веќе во фаза на цвет, па минусни температури ќе го уништат цветот, а со тоа и родот – појаснува Чукалиев.
Сепак, професорот смирува и вели дека доколку нема температури под четири степени Целзиусови, тогаш нема да има значителни оштетувања, но се можни проретчувања на овошките, што ќе резултира со поголеми и можеби поквалитетни производи.
– Поголеми штети се можни во реони што се окарактеризирани како депресивни, бидејќи во нив може да се спушти ладна воздушна маса, која ќе се задржи бидејќи нема проветрување и таа ќе ги оштети веќе расцветаните овошки или други продукти. Посебен проблем кај нас е водоснабдувањето, кое функционира од мај до септември.
Сега во период на суша истиот тој не е во функција и не може да го искористат земјоделците за да ги спасат насеаните површини – истакна Чукалиев.
Инаку, во текот на следниве денови од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавуваат промена на времето, особено од недела, кон крајот на денот, до вторник, кога следува период со поинтензивни врнежи од дожд и со услови за појава на ретки грмежи. За денес и за утре се најавуваат умерен до повремено засилен југоисточен ветер и променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, претежно во западните делови. Температурите викендов ќе се спуштат до три степени, а дневните максимални ќе достигнат 21 степен, слично време се најавува и во наредните седум дена.