Економскиот раст на земјава годинава ќе изнесува 3,9 отсто, проценува Народната банка во своите најнови макроекономски прогнози, кои ги презентира гувернерката Анита Ангеловска Бежоска. Овој раст на БДП е идентичен на априлските прогнози, рече гувернерката и додаде дека на среден рок растот ќе биде умерен, што ќе услови нивото на БДП пред корона-кризата да се достигне во 2022 година. Во однос на инфлацијата, направена е нагорна корекција, па за годинава се очекуваа да изнесува 3,1 отсто.
– Втора година по ред, макроекономските проекции се спроведуваат и се објавуваат во услови наметнати од пандемијата и глобална неизвесност. При вакви околности, Народната банка води олабавена монетарна политика, заради ублажување на ефектите од пандемијата врз домашната економија. Ризиците и натаму се поврзани со неизвесноста околу здравствената состојба, при понагласени нарушувања на синџирите на снабдување и променливост на пазарите на примарни производи – наведуваат од НБРСМ.
Според НБ, оваа и следната година економската активност ќе расте со идентична стапка на раст од 3,9 отсто, а на среден рок ќе достигне стапка од 4 проценти. Се очекува дека растот ќе произлегува од домашната побарувачка, а нето-извозот ќе има негативен придонес кон растот во периодот на проекции.
– Закрепнувањето на странската побарувачка би влијаело стимулативно на извозната активност, но со оглед на високата увозна компонента на извозот и побрзото закрепнување на домашната побарувачка, се очекуваат и поголеми увозни притисоци. Најголемиот дел од тековните нагорни притисоци се должат на фактори на страната на понудата, поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со пренесениот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемиската криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки. Следната година се очекува нормализација на овие фактори и забавување на инфлацијата, при што би се свела на 2,4 проценти, а потоа постепено на околу 2 отсто на среден рок – се наведува во соопштението.
Според НБ, дефицитот на тековната сметка и натаму би бил во умерени рамки, но на нешто повисоко ниво од минатата година (3,8 отсто од БДП), а на среден рок би изнесувал околу 2 проценти од БДП, слично на преткризното ниво. Појаснуваат дека проширувањето на дефицитот е одраз на повисокиот трговски дефицит при пораст на светските цени на храната и енергијата, привремен застој кај синџирите за снабдување, кој го забавува извозот, и на постепеното закрепнување на домашната побарувачка.