Одгледувачите на овци, кои вчера одржаа мирен протест пред Министерството за земјоделство, од ресорниот министер Љупчо Николовски добија ветување дека ќе ги разгледа нивните барања, но дали и кое од нив ќе биде исполнето, ќе се знае по 20 јануари. Тогаш Николовски треба да ги посети овчарите во Велешко и да ја соопшти владината одлука.
– На средбата ги повторивме нашите барања: 1.500 денари субвенции за грло и 1.000 за оставено женско јагне, како и поддршка од државата ако откупната цена на јагнето е пониска од производствената – истакна Митко Јанков, одгледувач на овци од Велес.
Министерот Николовски им порачал на одгледувачите на овци дека барањата ќе бидат детално разгледани и веднаш ќе се направат анализи за да се види кое од нив може најбрзо да се реализира за да се овозможи рентабилно производство. Исто така, министерот истакна дека ќе иницира средба со градоначалниците од сточарските региони за најскоро време да се решат и проблемите што ги имаат одгледувачите на овци во делот на патната и канализациската инфраструктура.
Според Министерството, овчарството е стратегиска гранка, поради што ќе преземат сѐ што е потребно за да се стопира падот на бројот на овци.
– Предлозите ќе бидат анализирани и ќе видиме кое од предложените барања може најбрзо да се реализира. Веќе работиме на нови мерки за оваа гранка. Од следната година, со Програмата за рурален развој е планирано зголемување на сумата за набавка на приплоден добиток од постојните 14 на 60 милиони денари, субвенциите за предадено овчо млеко од годинашните четири денари на 4,5 денари за литар предадено млеко – нагласи Николовски.
Тој додава дека и следната година во Програмата за финансиска поддршка за 10 отсто ќе бидат зголемени субвенциите за сточарите со развоен потенцијал, вклучувајќи и за одгледувачите на овци.
– Од 2019 година преку програмите на МЗШВ за ЈП „Пасишта“ ќе бидат одвоени 24,5 милиони денари за фотоволтаици, поила и корита за летните пасишта (трла) со овци.
Од идната година ќе почне и електронско преобележување на ситниот добиток, вклучувајќи ги и овците, со што ќе се евидентира точниот број – истакна Николовски.
Од Министерството велат дека во новиот оглас за мерката „Млад земјоделец“ предност имаат токму младите сточари, вклучувајќи ги и одгледувачите на овци, а првпат се објавија наменски огласи за доделување државно земјоделско земјиште под закуп за производство на добиточна храна до и над три хектари.
– Во фаза на обработка се и барањата за исплата на субвенциите за органско производство, меѓу кои се и субвенциите за одгледувачите овци што имаат органско производство, за што исплатата ќе почне оваа недела – наведуваат од Министерството.
Министерот и претставниците на здруженијата на одгледувачи на овци се договорија во првиот месец од идната година повторно да имаат средба на која ќе се резимира имплементацијата на мерките на МЗШВ и на нивните предлози.