Фото: Маја Јаневска-Илиева

Економистите објаснуваат дека намалувањето на невработеноста на планираното ниво нема да се должи само на растот на нови вработувања туку и поради демографските промени и миграциските трендови

ШТО ПРЕДВИДУВА НАЦИОНАЛНАТА СТРАТЕГИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ЗА ПЕРИОДОТ 2021-2027 ГОДИНА

Намалување на невработеноста на ниво од 11 проценти, но и намалување на невработеноста кај младите најавуваат надлежните, а за реализација на овој план веќе имаат Национална стратегија за вработување 2021-2027 година со вклучен Акциски план. Како што објави Владата, според проекциите за вработеноста, стапката на учество на вработените во вкупното население до 2027 година ќе се зголеми на 60 проценти, додека стапката на невработеност ќе опадне на 11 проценти за работоспособното население.
Македонија многу години се бореше со високи стапки на невработеност, што неминовно го наметнува прашањето колку плановите се остварливи и каков ефект ќе има растот на работно ангажираното население врз животниот стандард.
Од Министерството за труд и социјална политика, за „Нова Македонија“ објаснуваат дека стапката на невработеност во земјава бележи тренд на постојан пад почнувајќи од 2015 година, кога истата таа го достигна врвот од 37,3 проценти невработеност.
– Последните неколку години, заклучно со 2019 година, стапката на невработеност опадна за повеќе од 50 проценти, споредбено со 2015 година, односно истата таа за 2019 година изнесува 17,5 отсто. Трендот на намалување на стапката на невработеност во континуитет опаѓа и истата таа за 2020 година изнесува 16,4 проценти, а за вториот квартал од 2021 година 15,9 отсто. Имајќи го предвид ваквиот надолен тренд, кој се базира на водење здрави економски политики, како што се: континуирана поддршка на стопанството преку економски пакети за поддршка на претпријатијата и Планот за забрзан економски раст 2021-2026 на Владата на Република Северна Македонија, со кој се предвидува пад на невработеноста и економски раст од 5 отсто, сето тоа води кон потврда на предвидувањата содржани во Националната стратегија за вработување 2021-2027 година за намалување на невработеноста на 11 отсто во наведената временска рамка – посочуваат од МТСП.
Економистите објаснуваат дека намалувањето на невработеноста на планираното ниво нема да се должи само на растот на нови вработувања туку и поради демографските промени и миграциските трендови.

– Процената за намалување на невработеноста на 11 отсто во следните седум години е процена што е направена за потребите на новата стратегија на Владата за зголемување на вработеноста и истата таа треба да се гледа како индикатор за мерење на успешноста на оваа стратегија. Податоците што се наведуваат во стратегијата покажуваат дека ваквиот пад нема да се должи само на растот на нови работни места, туку значаен ефект ќе имаат и демографските промени, како и миграциските трендови, кои имаат значајно влијание на намалувањето на активното население на пазарот на трудот – вели Виктор Митевски, основач на здружението за истражување и анализи ЗМАИ.
Митевски објаснува дека во Македонија во континуитет се применуваат разни активациски политики, кои имаат одредени позитивни ефекти врз зголемување на вработеноста во државата. Сепак, тој истакнува дека најголем број од мерките се ад хок и немаат долгорочен и одржлив карактер.
– Преквалификацијата и дуалното образование се можеби најефикасните механизми што дале позитивни резултати во други земји, но тоа не значи дека ќе бидат успешни и соодветни и во Македонија. За жал, во нашата земја многу малку се работи на кариерен развој уште од најмали години. Така што средните училишта и универзитетите треба да воспостават кариерни центри каде што учениците и студентите ќе добиваат постојана и системска поддршка во процесот на активирање на пазарот на трудот, како и професионално кариерно советување. Оттука, соработката на бизнис-заедницата со образовните институции е клучна за успешно спроведување на овој процес. За жал, ваквата соработка е многу мала и незначајна, а најчесто се гледа на истата таа како административен процес и исполнување на законски или програмски предвидените пракси за студентите – објаснува Митевски.
Дополнително, претседателот на ЗМАИ објаснува дека еден од клучните проблеми во домашната економија е недостигот од соодветна индустриска политика и национален консензус во која насока сакаме да се движи нашата економија.

– Доколку бидеме едногласни за насоката, тогаш и механизмите за соодветно насочување, преквалификацијата и активирањето на невработените лица ќе бидат полесни. Истовремено, генерален проблем претставува иселувањето кое во последниве години се карактеризира со иселување на висококвалификувани кадри, а активните невработени лица на пазарот на трудот во Македонија се лица што не ги исполнуваат соодветните квалификации за работните позиции што се бараат од страна на компаниите – прецизира Митевски.
Од Министерството за труд и социјална политика дополнуваат дека невработеноста во наредниот период се планира да се намали со националните политики за развој на деловното работење, и тоа преку ефективно поддржување на претпријатијата, со мерките од Фондот за иновации и технолошки развој, реформите на даночниот систем, формализирање на неформалната економија, зголемување на трошењето за активни политики на пазарот на трудот, реформата на системот за образование и обуки.
– За намалување на јазот помеѓу стекнатото ниво на образование со потребите на пазарот на трудот, институциите во изминатиот период интензивно комуницираат со работодавачите на локално ниво, со цел да се слушнат нивните потреби за видот на квалификациите и вештините што треба да ги поседуваат невработените лица и врз таа основа обезбедување наставни програми во средните стручни училишта на локално ниво. Со планот за Гаранција за млади, кој предвидува дополнителни курсеви на младите лица за доквалификација или преквалификација, младите луѓе се стекнуваат со квалификации во согласност со барањата на пазарот на трудот. Исто така преку Агенцијата за вработување на годишно ниво има сет мерки што се однесуваат на обуки на невработени лица во реални работни услови, со цел нивна поголема вработливост и одговор на барањата на работодавачите. Такви мерки се: Обука кај познат работодавач, Обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот, Обуки за напредни ИТ-вештини, Практикантство и слично – објаснуваат од МТСП.