СПОРЕД НАЈНОВИТЕ СТАТИСТИЧКИ ПОКАЗАТЕЛИ
И покрај пандемијата и заканите по економијата наметнати од загриженоста поради ширењето на коронавирусот и новите соеви, европската економија успева да апсорбира уште поголем број од работната сила. Податоците што ги објавува статистичката канцеларија на Европската Унија, „Евростат“, покажуваат намалување на бројот на невработени лица во Европската Унија и во еврозоната.
Во септември 2021 година стапката на невработеност во еврозоната достигнала 7,4 отсто, при што е забележано намалување од 7,5 проценти, колку што изнесувала во август 2021 година, и од 8,6 отсто во септември 2020 година.
– Стапката на невработеност во ЕУ беше 6,7 проценти во септември 2021 година, што е намалување од 6,9 отсто во август 2021 година и од 7,7 проценти во септември 2020 година – објави „Евростат“.
Од таму проценуваат дека 14,3 милиони мажи и жени во ЕУ, од кои 12 милиони во еврозоната, биле невработени во септември 2021 година. Сепак, споредено со август 2021 година, бројот на невработени е намален за 306.000 во ЕУ и 255.000 во еврозоната.
– Во септември 2021 година, 2,8 милиони млади лица (под 25 години) биле невработени во ЕУ, од кои 2,3 милиони беа во еврозоната. Во септември 2021 година, стапката на невработеност кај младите беше 15,9 отсто во ЕУ и 16,0 проценти во еврозоната, помала од 16,1 отсто и 16,3 проценти во претходниот месец. Во споредба со август 2021 година, невработеноста кај младите се намали за 45.000 во ЕУ и за 38.000 во еврозоната. Во споредба со септември 2020 година, невработеноста кај младите се намали за 375.000 во ЕУ и за 348.000 во еврозоната – се наведува во извештајот на „Евростат“.
Што се однесува до невработеноста по полови, во согласност со податоците на „Евростат“, во септември 2021 година, стапката на невработеност кај жените се намалила на 7 отсто во ЕУ, од 7,2 проценти во август 2021 година. Стапката на невработеност кај мажите исто така бележи пад на 6,5 отсто во септември 2021 година, од 6,6 проценти во август 2021 година. Во еврозоната, стапката на невработеност кај жените исто така има тенденција на намалување и од 7,9 проценти во август 2021 година паднала на 7,7 отсто во септември 2021 година, додека стапката на невработеност кај мажите се намали од 7,2 на 7,1 отсто.
Од друга страна, стапката на невработеност во Македонија достигнува 15,9 проценти во согласност со податоците објавени од Државниот завод за статистика за второто тримесечје оваа година. Податоците покажуваат дека и во нашата земја има намалување на стапката на невработеност, која во истиот период минатата година изнесувала 16,7 отсто.
Од друга страна, податоците покажуваат дека невработеноста кај младите во земјава има нагорен тренд. Кај младите на возраст од 15 до 24 години во второто тримесечје 2020 година била регистрирана стапка на невработеност од 33,8 отсто, додека второто тримесечје оваа година истата таа има раст и достигнува 37,8 проценти. Што се однесува пак до половите, кај мажите е регистриран раст на стапката на невработени лица од 16,8 проценти во второто тримесечје минатата година, на 17 отсто истиот период оваа година. Додека, пак, кај жените, стапката на невработени од 16,7 проценти во второто тримесечје во 2020-та се намалила на 14,3 отсто истиот период оваа година.
Виктор Митевски, основач на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, објаснува дека во земјава во континуитет се применуваат разни активациски политики што имаат одредени позитивни ефекти врз зголемување на вработеноста во Македонија, но дополнува дека голем дел од мерките се ад хок и немаат долгорочен и одржлив карактер.
– Преквалификацијата и дуалното образование се можеби најефикасните механизми што дале позитивни резултати во други земји, но тоа не значи дека ќе бидат успешни и соодветни и во Македонија. За жал, во нашата земја многу малку се работи на кариерен развој уште од најмали години, на тој начини што средните училишта и универзитетите ќе воспостават кариерни центри каде што учениците и студентите ќе добиваат постојана и системска поддршка во процесот на активирање на пазарот на трудот, како и професионално кариерно советување. Оттука, соработката на бизнис-заедницата со образовните институции е клучна за успешно спроведување на овој процес. За жал, ваквата соработка е многу мала и незначајна, а најчесто се гледа на неа како административен процес и исполнување на законски или програмски предвидените практики за студентите – објаснува Митевски.
Според него, еден од клучните проблеми во домашната економија е недостигот од соодветна индустриска политика и национален консензус во која насока сакаме да се движи економијата.
– Доколку сме едногласни за насоката, тогаш и механизмите за соодветно насочување, преквалификација и активирање на невработените лица ќе бидат полесни. Истовремено, генерален проблем претставува иселувањето, кое во последниве години се карактеризира со иселување висококвалификувани кадри, а активните невработени лица на пазарот на трудот во Македонија се лица што не ги исполнуваат соодветните квалификации за работните позиции што се бараат од страна на компаниите – прецизира Митевски.
И покрај високите стапки на невработеност во земјава, бизнис-заедницата честопати укажува дека на пазарот на трудот има недостиг од стручни кадри и апелира во иднина да се спроведуваат мерки за намалување на разидувањето меѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот.
– Македонската економија подолго време трпи последици од недоволно квалификуван кадар. Анализите на Стопанската комора на Северна Македонија покажуваат дека потреба од кадар има во сите сектори, која се продлабочи во пандемијата. Комората подолг период се занимава со проблематиката обезбедување стручен кадар преку доквалификација и преквалификација како најбрз начин за надминување на проблемот. Овие активности даваат резултат, голем дел учесници се стекнале со соодветни вештини и остануваат да работат во компаниите каде што се обучувале. Дополнително, и активностите на полето на формалното образование даваат плод. Компаниите што први се вклучија во процесот на дуално образование и креираа образовни програми во согласност со потребите и кои ги обучуваа учениците, по нивното завршување веднаш ги вработија во своите организации – објаснуваат од СКСМ.