Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување „Шанса за сите“ за 2019 година е со најголем буџет досега, а зголемен е и опфатот на лица за околу 2.000 корисници повеќе во однос на лани. Надлежните очекуваат дека „Шанса за сите“ ќе ја постигне целта, односно ќе се отворат нови работни места и ќе се зголеми вработливоста.

За реализација на годинашниот оперативен план се проектирани 1,1 милијарда денари, а се очекува да бидат опфатени најмалку 8.500 лица. Во период од неполни два месеца, како што информираа од Агенцијата за вработување, исполнет е предвидениот опфат на лица што аплицирале за учество во мерките што водат до директно вработување, односно засновање работен однос.

– Овие изминати два месеца се позитивен показател дека и оваа година како и лани ќе имаме успешна реализација на оперативниот план за активни програми и мерки за вработување. Големиот интерес за учество во мерките за вработување покажан досега од страна на невработените лица и работодавците се сериозен показател дека сме на вистинскиот пат во остварување на нашиот приоритет во работењето – изјави директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска.

За програмата „Самовработување“ во моментов се почнати обуките на 2.076 лица од кои околу 800 се млади на возраст до 29 години. Најмалку 1.070 лица се очекува да се самовработат во првата половина од годинава.

Позитивни резултати се очекуваат и од мерката „Субвенционирање“ каде што во фаза на потпишување се договорите со кои во текот на следната недела ќе бидат вработени 1.000 лица. Од нив, 50 проценти се млади до 29 години.

Во тек е и потпишувањето на договорите за мерката „Вработување и раст на правни субјекти за вработување“ за нови 500 лица.

Годинава, зголемен е и опфатот на 1.625 лица за програмата „Практикантство“ што, според Агенцијата за вработување, е највисок опфат за оваа програма досега. Потпишувањето на договорите за оваа мерка се очекува да почне од следната недела.
Посебен акцент е ставен и на преквалификацијата и доквалификацијата на невработените лица така што е планирано со разни обуки да бидат опфатени 4.740 лица. Од Агенцијата за вработување посочуваат дека младите имаат голем интерес за преквалификацијата, а за обуките за побарувани занимања аплицирале 1.300 лица од кои 500 се млади до 29 години.

Наскоро се очекува да бидат отворени и обуките што се особено атрактивни за младите лица, како што се оние за стекнување дигитални вештини.

Надлежните се задоволни и од реализацијата на оперативниот план за 2018 година со кој биле опфатени околу 6.500 лица од кои 53 проценти биле млади на возраст до 29 години. Како пример може да се посочат програмата „Самовработување“ преку која се вработиле 1.191 лице од кои 508 биле млади на возраст до 29 години, потоа мерката „Субвенционирање на плати“ со која биле опфатени 759 лица од кои повеќе од половина или 471 лице биле млади. Дури и во мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ од вкупно вработените 347 лица, млади на возраст до 29 години биле 217 лица.

Успешноста на оперативниот план за 2018 година се проценува на околу 95 проценти.
Е.Р.