МојДДВ и МојДДВ #МојаНаграда во духот на солидарноста се приклучуваат кон борбата против ковид-19. Дел од фондот #МојаНаграда ќе се насочи кон борбата против ковид-19, така што дневните награди ќе се сведат на 10 награди по 500 денари, додека месечните извлекувања од по 100.000 за мај и јуни нема да се одржат. Граѓаните ќе можат и да донираат средства од својот поврат на ДДВ преку апликацијата МојДДВ, соопшти Министерството за финансии.
Фондот на наградната игра МојДДВ #МојаНаграда е намален за 4,4 милиони денари, средства кои ќе се вложат во ковид-19 фондот. Од почеток на мај до крајот на јуни ќе се доделуваат по 10 дневни награди од по 500 денари преку #МојаНаграда, додека месечните извлекувања од по 100.000 денари ќе запрат во мај и јуни. Со ова, наместо 12 извлекувања, ќе има 10 извлекувања за повисоките парични награди.
Месечните извлекувања ќе продолжат од 4 јули, кога ќе се одржи петтото извлекување во кое ќе учествуваат сите валидни и недобитни сериски броеви од дневните извлекувања од скенираните фискални сметки за периодот од 01.04.2020 година до 30.06.2020. Втората премија од 3 милиони денари ќе се извлекува на крај од наградната игра на 19.12.2020 година.
Граѓаните преку апликацијата „МојДДВ“ ќе можат и да го донираат својот поврат на ДДВ за првото тримесечје од 2020 за борбата против ковид-19. Преку опцијата „скенирам и донирам“, со која e надоградeна апликацијата „МојДДВ“ граѓаните ќе можат одберат дали сакаат да го донираат својот поврат од ДДВ за првото тримесечје од 2020 година. Изборот ќе може да го направат до 5ти мај.
На граѓаните преку апликацијата им се на располагање две опции -„да, го донирам мојот поврат на ДДВ” и „не, благодарам”. Оној кој потврдно ќе одговори на опцијата за донација, дава согласност за донирање на целиот износ кој треба да му биде вратен на трансакциска сметка, и нема да има можност за отповикување на дадената согласност. Корисникот кој ќе одговори негативно на прашањето, ќе има можност да го промени одговорот се додека е отворена опцијата за избор, а ако не го промени мислењето повратот ќе му биде исплатен на трансакциска сметка. Можноста за донирање, односно откажување од повратот за првото тримесечје е до 5 мај.
За првото тримесечје во 2020 граѓаните преку скенирање фискални сметки оствариле право на поврат од 5,59 милиони евра. Во овој период скенирани се 49,95 милиони фискални сметки.