Слабата реализација на капиталните инвестиции од под 50 отсто се покажа како ограничувачки фактор за економскиот пораст во 2018 година. Во 2019 останува да се види дали Владата ќе успее да го подобри капацитетот за реализација и менаџментот со капитални проекти
Како година на економски бум ја најавуваше тековната 2019 година премиерот Зоран Заев во неколку наварати, уверувајќи дека ова ќе биде година со голем економски пораст. Сепак, скептицизмот кај граѓаните и аналитичарите е сосема очекуван, особено ако се има предвид дека уште во предизборната кампања во 2016 година беа најавени големи стапки на економски пораст, кои во изминативе две години изостанаа. Економските мерки што ги најавуваат владините претставници, според експертите, едноставно, не се доволни, ниту пак се насочени кон економски пораст, уште помалку кон економски бум.
– Оваа, 2019 година, да ја гледаме како година на остварување економски резултати, година кога економијата почнува да функционира за секого, за што поставивме сериозни основи во буџетот и во економските политики за поддршка на бизнисот и на инвестициите – кажа премиерот Зоран Заев пред неколку дена.
Инволвираните во економските случувања посочуваат дека мора да се реализираат најавените капитални инвестиции, бидејќи ако тие повторно изостанат, не може да се очекува голем економски пораст. Од друга страна, како што додаваат, мора да се работи и на други мерки што ќе бидат насочени кон подобрување на условите за развој на економијата.
Трајко Славевски, професор од Економски факултет, истакна дека не е битно само што се најавува туку уште поважна е реализацијата.
– Не е најважен износот на кој се проектирани капиталните инвестиции, туку е битна и нивната реализација. Ова се потврди и во годината што измина, при што слабата реализација на капиталните инвестиции од под 50 отсто се покажа како ограничувачки фактор за економскиот пораст. Во 2019 година останува да се види дали Владата ќе успее да го подобри капацитетот за реализација и менаџментот со капитални проекти кај буџетските корисници, кој е далеку под потребното ниво – истакна Славевски.
Политиката пред економијата
И според бизнисмените, најавените владини мерки не се насочени кон економски бум, поради што не очекуваат годинава да имаме голем економски пораст. Тие истакнуваат дека политичката неизвесност во Македонија сѐ уште трае, а напролет следуваат и претседателски избори, па на економијата може да ѝ дојде време дури во септември.
– Секако дека се неопходни мерки што ќе го помогнат порастот на економијата, но тие мерки треба да се компатибилни, да се дополнуваат и да ја поддржуваат економијата. Од ова што е најавено, ниедна мерка не е насочена конкретно кон економски бум, туку повеќе ми личат на мерки со кои се замачкуваат изгубените години поради разни политички причини и проблеми што се надвиснати – вели бизнисменот Мендерес Кучи.
Тој додава дека најдобро за развој на економијата е секоја влада цело време да работи на подобрување на економските услови за да се реализира економски пораст, а не да се сконцентрира една или две години на економијата.
– За економски подем мора цело време да се има услови за развој, да се чувствуваат граѓаните безбедно и слободни да инвестираат, да работат. Народот кај нас не го чувствува подобрувањето, а има и разни анализи од странство што покажуваат дека има намалување, регрес на животниот стандард. Се надевам дека оваа и следната година и секоја наредна ќе биде подобра и дека навистина граѓаните ќе се чувствуваат безбедно и ќе имаме подобрување на семејниот буџет – додава Кучи.
Бизнисменот Кучи истакна дека подобрување во животниот стандард нема да има ако не се реализираат или отстранат сите недостатоци на кои укажуваат меѓународните институции и кои се наоѓаат во забелешките на ЕУ во нашите аспирации за членство во Унијата. Тој истакна дека е неопходно да се овозможи судовите да работат независно, но и да се отстрани непотизмот од јавните институции, кој е посочен како една од раните на македонското општество.
– Ваквите и слични појави мора да се сузбијат, бидејќи го држат стопанството во заложништво. Покрај реализацијата на планираните инвестиции, неопходна е и заштита на правото на граѓаните за да се оплоди капиталот – заклучува Кучи.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, пак, додава дека секоја година мора да биде економска година и дека економијата не смее да биде заложник на политиката.
– Секоја година треба да биде економска година, или година на економски бум, независно со кои други прашања се соочува државата. Луѓето, граѓаните работат за да обезбедат материјална егзистенција, а Владата има задача да обезбеди што е можно поповолни услови за поголем економски развој – кажа Хајредини.
Реформи за влез на мултинационални компании
Бизнисменот и познавач на меѓународното и домашно бизнис-право и даноци Горан Рафајловски смета дека за пораст на економијата е неопходно да се овозможат квалитетни услови за работа на бизнис-заедницата и да се намалат трошоците во буџетот што не се поврзани со капиталните инвестиции.
– Со реализација на капиталните инвестиции може да се крене развојот и да ѝ овозможи на бизнис-заедницата да го креира тоа што најдобро го знае, а тоа се пари, а со тоа и нови работни места, повеќе даноци и сѐ што ѝ е потребно на Македонија – вели Рафајловски.
Гувернерката на Народна банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, во новогодишното интервју за „Нова Македонија“ истакна дека за забрзување на економскиот пораст на долг рок се неопходни решенија за отстранување на структурните пречки што го ограничуваат порастот.
– Реформи за подобрување на деловното опкружување треба да продолжат заради влез на мултинационални компании, кои ќе ги зајакнат трговската и финансиската интеграција на нашата економија. Потребно е истовремено да се преземаат и чекори за посилно поврзување на домашните со странските компании, заради максимално остварување позитивни преносни ефекти врз вкупната економија. Мора да се има предвид дека битен предуслов за поголема интеграција се јавните инвестиции, за да се затвори јазот во јавната инфраструктура и за да се зголеми долгорочниот потенцијал на економијата – истакна Ангелоска-Бежоска.
Гувернерката меѓу другото истакна дека фокусот треба да биде ставен не само на обезбедување побрз туку истовремено и поквалитетен економски пораст.
– Потребна е преориентација на реалната економија кон поиновативни сектори, со поголема технолошка софистицираност и повисока додадена вредност. И секако, не треба да заборавиме дека е потребно реформите да бидат насочени и кон подигнување на квалитетот на институциите и на образовниот систем, бидејќи без нив, предусловите за побрз пораст тешко би можеле да се постигнат – заклучи Ангеловска-Бежоска.
Премиерот пред неколку дена најави дека оваа година ќе продолжи трендот на пораст на платите и на вработувањето во приватниот сектор, поддржан со владините мерки, со што ќе се зголеми расположливиот доход на домаќинствата.
– Проектиравме намалување на невработеноста на рекордно ниски 20 отсто со помош на пакетот активни мерки за вработување – вреден 1,1 милијарда денари – нагласи Заев.
Меѓу другото, тој додаде дека силен придонес за вкупниот економски пораст оваа година се очекува и од земјоделството, благодарение на зголемениот буџет за поддршка на земјоделството, како што е и мерката „зелената нафта“. Потоа додаде дека оваа година ќе има сериозно придвижување во делот на капиталните инвестиции, особено во делот на патната и железничката инфраструктура со приоритет фокусиран на железничкиот Коридор 8.