Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ѝ додели нови, околу 133 милиони специјални права на влечење (СПВ), или околу 161 милион евра на Македонија, коишто денес ќе бидат вклучени во официјалните девизните резерви. Овој износ е доделен во рамките на новата општа распределба на СПВ на ММФ и соодветствува со нашата квота во ММФ.
– Имено, ММФ распредели вкупно 455 милијарди СПВ (околу 551 милијарда евра) на 190 земји членки. Ова е најголемата распределба на СПВ во историјата, или двојно повисока од сите досегашни распределби заедно. Последната општа распределба на СПВ беше во 2009 година, кога беа распределени 161,2 милијарди СПВ на земјите членки – соопшти НБРМ.
Целта на општата распределба на СПВ, како што се наведува, е овојпат со нив да се обезбеди непречен пристап до девизна ликвидност за земјите во време на најголемата здравствена и економска криза со која се соочува светот во изминатите децении. Придобивките за земјите се повеќекратни: со нив се обезбедува брзодостапна и безусловна девизна ликвидност со која се зголемуваат девизните резерви, односно се зголемува девизниот потенцијал на економијата, што го јакне потенцијалот на економиите за справување со кризата.
СПВ се резервни средства креирани од ММФ коишто земјите членки можат да ги чуваат како дел од своите официјални резерви или пак да ги искористат за плаќање долгови и камати, за идно зголемување на квотата во ММФ или за други буџетски потреби. Доколку ги чуваат како дел од своите официјални резерви, земјите немаат никаков трошок. Доколку се претворат во друга валута за да се искористат за други цели, тогаш трошоците за земјата се исклучително ниски (тековно каматна стапка на користење на СПВ изнесува 0,05%).