Три проценти раст на домашната економија за годинава прогнозира Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во најновиот глобален извештај. За наредната година прогнозата за растот на БДП е 3,1 отсто, а до 2024 година дека ќе достигне 3,5 отсто. Меѓу земјите во регионот годинава највисок раст е предвиден во Косово 4,2 отсто, Албанија 3,7 отсто, Србија 3,5 отсто, Бугарија 3,3 отсто, Црна Гора 2,8 отсто и во Хрватска 2,6 отсто.

Во наредната година највисок економски раст ќе имаат Србија и Косово четири проценти, Албанија 3,9 отсто, БиХ 3,2, Бугарија три, Хрватска и Црна Гора по 2,5 отсто.

ММФ во најновиот извештај ја намали глобалната прогноза за растот годинава на 3,3 отсто што е најмал раст од 2016 година. Претходната проекција беше 3,5 отсто.

Причини за намалениот раст се трговските тензии од излегувањето на Велика Британија од ЕУ, како и економските проблеми, пред сѐ во богатите земји. Меѓу другото, ММФ истакна дека глобалната економија се наоѓа во деликатен момент, а причините лежат и во ескалирање на трговските тензии меѓу САД и Кина, макроекономските проблеми во Аргентина и во Турција, промените во автомобилскиот сектор во Германија… Ова, според нив, доведува до значително ослабување на глобалната економија, особено во втората половина на 2018 година, а се предвидува дека економската слабост ќе продолжи и оваа година.

Понизок раст ММФ предвидува и за најсилната светска економија американската, од претходно проектираните 2,9 на 2,3 отсто.

Во еврозоната растот годинава ќе биде 1,4 отсто.
Е.Р.