Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој

Поддршка за млади и новоформирани компании, поддршка за технологија што треба да помогне во намалување на загадувањето, но и за разни други проекти дава Фондот за иновации и технолошки развој (ФИРТ). Токму за нивните проекти и за досегашните резултати разговараме со директорот на фондот Јован Деспотовски.

Изминатиот период беа поддржани и презентирани неколку проекти, кои треба да придонесат за намалување на загадувањето на воздухот. Колку е задоволен ФИРТ од нивната примена во практиката?
– Од деветте проекти што беа презентирани, дел се финансирани под различни програми и се во делот на животната средина и загадувањето. За овие проекти важно е да се каже дека не само што се веќе развиени, туку се направени и тестирања во лабораториска и реална средина и покажуваат конкретни резултати. На пример, гет-велосипедот прочистува загадување во воздухот создадено од два дизел-автомобила во ист период на користење. Филтерот за прочистување воздух за индустриски капацитети покажува намалување на емисија на ПМ-честичките за 50 отсто, односно од 0,152 е намалена на 0,076. Додека јаглеродниот моноксид исто така се намалува од 1.460 на 683 мг/м3. Соларниот панел развиен во Штип за пет месеци покажува заштеда од 675 киловат-часа и намалување на загадувањето на воздухот – со употреба на само еден колектор на годишно ниво – од 698 јаглерод диоксид на 260 јаглерод диоксид. Ова се само дел од резултатите, а следен предизвик за нас е истите тие да најдат широка примена во општеството, во економијата. За тоа е потребно ангажирање на повеќе чинители, од локалната самоуправа, самите компании, но и јавноста, преку охрабрување и давање шанса на овие, наместо веќе готови и значително поскапи увезени решенија.

Дали и во иднина се планира поддршка на иновативни решенија за намалување на загадувањето?
– Резултатите, но и огромната потреба од вакви решенија, нужно водат кон потврден одговор. Нашата политика е да ги поканиме сите што сметаат дека имаат капацитет, мисла, вештини да понудат решение, кои би ги поддржале, секако во рамките на еден отворен процес и под јасни критериуми. Нашата улога ја гледам пред сѐ во охрабрување на компаниите, на поединците, на младите луѓе да учествуваат во креирање и на политики и на практични решенија, кои институциите ќе ги спроведуваат.
Следуваат повици за стартап-компании, каде што очекувам дел од понудените проекти да бидат во делот на намалување на загадувањето и справувањето со последиците од климатските промени. Секако, акцент на повикот е креирање одржливи бизнис-модели. Дополнително, одиме и со тематски повик, каде што наши партнери досега, а се надевам и понатаму ќе бидат дел од невладините активни во оваа област, како и Програмата на ООН за развој.

Има повеќе проекти насочени кон поддршка на малите претпријатија. Каков е интересот од компаниите за учество?
– Интересот е навистина рекорден. Во изминатите 18 месеци имаме некаде над 1.000 домашни микро, мали, средни и големи компании што учествувале на повиците на фондот. Дополнително, имаме околу 200 основни и средни училишта што исто така учествувале на тематските повици во рамките на нашите програми под „Фондот за млади умови“.

Дали тоа е одраз на недостиг од финансиски извори за новите компании?
– Причините за ваквиот интерес се различни, но главно поради сериозниот капацитет кај компаниите, но и кај најмладите да размислуваат и да креираат новитети или подобрување на она што веќе го имаат. Желба за создавање подобра средина, бизнис, услови за образование, подобро општество. И тука фондот има можеби и централна улога во поттикнување и ослободување на овој потенцијал и во охрабрување на овие луѓе. Финансиската поддршка е важна, но не е клучна. Важна е промената на ставот, свеста, дека секој може да предложи и да учествува во моделирање на средината во која живее и работи. Имаме многу, навистина многу компании што се јавуваат со неверување дека нивниот проект е селектиран за кофинансирање под некој повик. Коментарот е дека никој никаде и никому не морал да се јави, да фати врска или да плати за да добие нешто назад од државата.

Дали ФИРТ може да помогне при почнување со нови бизниси, бидејќи тие најтешко добиваат заеми?
– Веќе реков дека сметам дека фондот е можеби во центарот на процесот со кој се ослободува една сериозна млада енергија што ќе ја движи оваа економија во наредните години и децении. Покрај редовната програма за стартап, од 2019 г. во рамките на Програмата за самовработување на Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика вметнавме еден новитет. ИН-група, во која може да се пријават и да учествуваат млади луѓе што имаат идеја за свој бизнис со потенцијал за брз пораст. Веќе имаме 22 компании што започнаа со своја работа под оваа програма, а следната година очекувам многу повеќе и да се пријават и да започнат.


Бројките се охрабрувачки

Колку од проектите што досега сте ги поддржале се успешни во својата област?
– Реално, 80 отсто од проектите се започнати во последните 12 месеци. Но направивме една анализа на компаниите што започнале односно реализирале проекти во периодот 2015 – 2018 година и бројките се навистина охрабрувачки. На пример, просечниот раст на годишни приходи кај овие компании (52 на број) е за 50 проценти поголем во однос на периодот пред да ја добијат нашата поддршка. Добивката расте со 60 отсто, вработувањето со 27, а платите со 40 проценти. На почетокот на 2020 ќе ги презентираме бројките и од анализата на работењето на уште поширока група компании, кои биле под договор со фондот во цела 2019 година. Од она што го гледаме низ дневна комуникација очекувам исклучително добри резултати. Клучно ќе биде како ќе се однесуваат овие компании по завршувањето на проектите, иако лично сметам дека еднаш изграден капацитет, продукт или услуга, пласирани на еден пазар се одлична основа за забрзан раст и понатаму. Тука само ќе напоменам дека, во согласност со светските искуства, сите компании не можат да бидат еднакво успешни, но успехот на една група очекувам да биде и повеќе од доволен да ги исполни нашите цели за сите.

Фото: Маја Јаневска-Илиева