Членството во НАТО имаше огромно влијание врз економскиот развој на другите земји во регионот и нема причина зошто тоа да не е случај и со Македонија. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на отворањето на форумот на Централна и Југоисточна Европа „Еуромани“, кој се одржува во Виена. Тевдовски посочи дека странските директни инвестиции во земјите што станале членки на НАТО се зголемиле двојно како процент од БДП, а во некои држави како Бугарија се зголемиле трипати. Тој нагласил дека инвеститорите, покрај за економските показатели, се заинтересирани и за напредокот во евроатлантските интеграции.
– Во историски нестабилен регион и имајќи ги предвид случувањата изминатите неколку години, членството во НАТО е потврда за долгорочна стабилност и одржливост. Ова ќе придонесе за едноставно и брзо отстранување на сомнежите и стравот кај инвеститорите. Економските придобивки ќе бидат значителни и брзи, што значи поголеми странски и домашни инвестиции, што несомнено ќе резултира со повисок извоз, поголема вработеност и повисоки плати, како и подобрен животен стандард за нашите граѓани – подвлекол Тевдовски.
Во поглед на макроекономската стабилност, посочил дека Владата е посветена на спроведување постепена фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит на среден рок за контролиран јавен долг. Тој оценил дека наплатата на приходите во буџетот е одлична и оти приходите од даноци во буџетот целосно се во линија со проекцијата на Министерството. Меѓу другото, тој навел дека достигнувањата што ги има направено земјата во фискалната транспарентност се значајни и во тој контекст споменал дека „граѓанскиот буџет“ добил веб-апликација, дека се објавени заостанатите обврски во јавниот сектор и оти се прават финални подготовки за објавување на платформата со која јавноста ќе може во реално време да ги следи исплатите од трезорот.
На форумот „Еуромани“ учествува и гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска.
Форумот е еден од водечките настани од областа на финансиите во Европа и на него годинава учествуваат 1.300 посетители, поточно министри за финансии, гувернери на централни банки, директори на финансиски институции и инвеститори. Планирано е министерот за финансии Тевдовски да оствари и повеќе средби со меѓународни инвеститори и финансиски институции.